Стопанска комора за фотографска и видео-дејност бара да продолжат субвенциите за плата

Мерката за  субвенционирање на платата да продолжи до крајот на пандемијата или до донесување на протоколи за организирање на свадби и други настани, бара новоформираната Стопанска комора за фотографска и видео-дејност. Од дејноста бараат и средба со Владата за да ги презентираат нивните барања, меѓу кои и лиценцирањето на фирмите да го прави Комората.

Претседателот на Стопанската комора за фотографска и видео дејност, Миле Спасов вели дека деновиве имале интензивни средби со претставниците на вакви фирми низ државата, а денеска се во Штип, опфаќајќи ги од источниот регион.

-Да имаме како дејност фотографска и видео пристап до безкаматни кредити, може и како предлог е дадено да се направи финансиска анализа за работењето на нашите правни субјекти од 2019 до 2020 година и доколку возможно е да се добијат некакви грантови и помош од државата. Како највиско барање го ставаме делот на лиценцирање, односно преку законски измени и во соработка да успееме да издаваме лиценци ние како комора – вели Спасов.

Тој истакна дека од вкупно 250 компании, во моментов поради коронакризата и протоколите околу 15 отсто се во мирување.

Освен што бараат подршка за намалување на штетите од корона кризата очекуваат и помош во борбата против оние во нивната дејност што работат на црно и им крадат над половина од приходите.