Стопанските комори со нови предлог реформи во земјоделскиот сектор

Четирите стопански комори испратија официјален допис до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел да се поттикне дискусијата и решавањето на проблемите кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија од земјоделскиот бизнис сектор, информираа во петокот.

Воедно, копија од целосниот допис беше доставена и до кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

Преку овие активности стопанските комори повикуваат на конструктивен дијалог за заедничко креирање на сите политики кои ја засегаат бизнис заедницата, со цел да се избегнат непоправливите штети кои би можеле да му се нанесат на македонското стопанство како резултат на законските решенија во кои не се земени предвид сите релевантни фактори.

Изминатиот период четирите стопански комори организираа низа информативни настани и форум дискусии во повеќе градови низ државата. Целта на овие настани е да се слушне гласот на бизнис заедницата и да се даде можност за идентификување на најчестите проблеми од бизнис регулативата кои ги засегаат микро, малите и средните претпријатија. На овие настани учество земаа голем број компании од повеќе сектори, што јасно говори за потребата на бизнис заедницата за иницирање на клучни промени кои ќе овозможат постабилен и ефективен развој на домашната бизнис сцена.

Овие активности се дел од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со четирите стопански комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.