Сторми Даниелс зборува за Трамп првпат по обвинението

Поранешниот американски републикански претседател Доналд Трамп кој најави кандидатура и за изборите во 2024 година, „повеќе не е недопирлив“, рече порно ѕвездата Сторми Даниелс во петокот вечерта во своето прво интервју откако големата порота на Менхетен го подигна историското обвинение против него по истрагата на демократската обвинителка на сојузната држава Њујорк.

Даниелс изјави за лондонски Times дека забележала дека луѓето реагираат поинаку на обвинението отколку пред неколку години кога беа објавени првите извештаи во печатот за нејзината сексуална средба со Трамп.

„На почетокот тоа беше како ‘спонзоруша, курва, лажго’…такво нешто. А овојпат е како ‘Ќе те убијам’“, вели Даниелс.

Големата порота гласаше да го обвини Трамп по неколку месеци сослушување докази за исплата на 130.000 долари на Сторми Даниелс во последните денови од кампањата во 2016 година. Парите биле наменети да го купат нејзиното молчење за сексуалната врска за која вели дека имале долги години пред Трамп да ја објави својата кандидатура за претседател на САД.

Трамп го негираше тврдењето на Даниелс, а неговиот адвокат ја обвини Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, за изнуда. Даниелс за британскиот весник изјави дека кога ја слушнала веста за обвинението, била надвор јавајќи го својот коњ, кој се вика Redemption (искупување).

„Има нешто навистина иронично и смешно во тоа што дознав за обвинението додека седев на коњ наречен Редемпшн“, вели додавајќи дека дел од 130.000 долари што ги добила тајно ги искористила за да купи приколка за коњ.

Вели дека не се плаши од идејата да се соочи со Трамп на суд, бидејќи го видела гол и „нема шанси да биде пострашен со облеката на себе“. Но, вели дека и ја чувствува сериозноста на ситуацијата и можната опасност.

„Каков и да е исходот, ќе има насилство, ќе има и повредени и смртни случаи. Постои можност од ова да произлезе многу добро. Но, како и да е, многу лоши работи ќе излезат од тоа“, вели Даниелс.