Стотици автомобили изгореа во новогодишната ноќ во Ливерпул (ФОТО)

Пожарникарите и полицајците во Ливерпул неделата се бореле против голем пожар во катна гаража којашто уништил околу 1.400 автомобили и предизвикал евакуација на неколку околни згради, пренесува британскиот јавен сервис BBC.

Полицијата објави дека биле уништени сите автомобили кои во тој момент биле паркирани во гаражата „Кингс Док“ која има неколку катови и капацитет од 1.600 возила. На сопствениците на возилата им е порачано да ги контактираат своите осигурителни куќи.

„Веруваме дека сите автомобили оставени на паркингот се уништени во пожарот. Им препорачуваме на сопствениците на автомобилите да контактираат со нивните осигурителни компании“, се вели во соопштението на службата за вонредни состојби коешто го цитира агенцијата Press Association.

Поради пожарот откажано е меѓународното натпреварување на коњи коешто требаше да се одржи во „Liverpool Echo Arena“, објект веднаш до опожарената катна гаража. Организаторите објавија дека сите коњи и натпреварувачи се засолнати на безбедно место.

Локалните пожарникари откриваат дека првичните знаци покажуваат дека пожарот избувнал случајно, откако оган избувнал на еден од паркираните автомобили.

Пожарникарите со опрема за дишење и натаму се справуваа со огнот речиси шест часа по избувнувањето на пожарот. Ангажирани се 12 противпожарни единици, но за среќа нема сериозно повредени .

Градскиот совет на Ливерпул отвори центар за прифаќање на жителите коишто поради пожарот не можат да отидат во своите домови.