Стотици илјади ирачки шиити ја одбележаа Ашура, и покрај пандемијата

Стотици илјади шииите во неделата ја одбележаа Ашура, и покрај загриженоста поради пандемијата на короанвирусот, а собири но и апсење имаше и во другите исламски земји, пренесуваат агенциите.

Ашура се паѓа на десетиот ден од исламскиот месец мухарем, а верниците кои го практикуваат шиитскиот ислам на тој ден ја оплакуваат смртта на Хусеин, еден од внуците на пророкот Мухамед убиен во битката кај градот Карбала во 680 година со уште 72 свои блиски следбеници.

Верниците во светиот град Карбала носеле заштитни маски во текот на посетата на светилиштото на Хусеин и џамијата со ритуалните удари во своите глави. Слични ритуали се одржани и на други места во мнозински шиитскиот Ирак, но со големи безбедносни и санитарно-хигиенски мерки. Овие собири изминатите години беа цели на смртоносни напади на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Пред празникот здравствените власти предупредија дека ваквите масовни собири се опасни поради пандемијата на коронавирусот. Ирак досега потврди повеќе од 231.000 коронаинфекции и 6.959 смртни исходи. Светската здравствена организација минатата седмица предупреди на „алармантен“ пораст на заразените во Ирак и повика да не се одржат овие собири. Сите ирачки покраини бележат раст на бројот на заразените, а Карбала пред една седмица беше рекордер со 336 зарази во еден ден.

Шиитите и од други земји, исто така, допатуваа во Ирак за да учествуваат на комеморативното одбележување, но беа запрени масовно да се упатат кон Карбала. Славењето на Ашура во Ирак со години беше забрането под поранешниот диктатори Садам Хусеин, кој потекнуваше од сунитската заедница и промовираше своевиден исламски тип на социјализам, а беше соборен во 2003 година а потоа и егзекутиран.

 

Иран, Пакистан, Бахреин, Индија…., во Мароко над 150 приведени

Ашура е државен празник во Авганистан, Иран, Ирак, Либан, Бахреин и Пакестин, но се слави и во други земји каде постои силна шиитска заедница, како што е Индија, но во кои поради пандемијата властите ги повикаа шииттските верници да ги избегнуваат големите собири.

Водечката шиитска држава Ирана, од којашто вообичаено стотици илјади аџии одат секоја година во ирачка Карбала, годинава ги забрани традиционалните процесии и обредот го пренесуваше преку телевизиите. Дури и врховниот верски водач ајатолахот Али Хамнеи се молеше со маска во џамија во својата резиденција, покажуваат снимките објавени на неговата веб-страница. Иран е најтешко погодената земја на Блискиот исток во пандемијата, со повеќе до 21.000 починати.

Во Авганистан и Пакистан, властите објавија пад на бројот на заразените но истакнаа дека безбедноста е приоритет. Во прв ред затоа што во двете земји се активни крајно радикалните сунитски групации Ал Каеда, талибаните, Исламска држава и други организации кои масовните собири по повод Ашура ги користат за изведување крвави масакр врз шиитите кои, како и тие нив, ги сметаат за отпадници од верата.

Во Карачи, на југот од Пакистан, 10.000 луѓе, учествувале во големата процесија, наведуваат локалните власти, а многумина од нив традиционално се самокамшикувале. Во Бахреин властите ги повикаа верниците попрво да даруваат крва отколку да ја пролеваат со самопроведување. Во Либан влијателното шиитско движење Хезболах ги повика верниците да ги избегнуваат големите собири.

Во Мароко одбележувањето на Ашура ноќта кон неделата заврши со повредување на 30 полицајци и 157 приведени лица. Во Рабат и Казабланка, Апурата мина во знак на хаосот, објави на насловната страница во неделата весникот TelQuel.

Мароканските власти на краот од седмицата ги забранија прославите поврзани со празникот Ашура во одредени региони поради „санитарните мерки и спречување на ширењето на вирусот“. Мароко официјално од крајот на март досега потврди 60.056 случаи на зараза и 1.078 смртни исходи од коронавирусот.

 

За празникот Ашура

Карбала, којашто се наоѓа околу 110 километри јужно од ирачката престолнина Багдад, секоја година е посетувана од милиони шиитски верници, кои го одбележуваат еден од најважните денови во нивниот верски календар, денот на загинувањето на имамот Хусеин, внукот на пророкот Мухамед.

Имамот Хусеин и неговиот брат Абаз и нивните 72 приврзаници се убиени во 680 година во Карбала во битка со војниците на Омајадскиот калиф Јазид. Жените и сестрите на убиените од војниците на Јазид биле земени со нив во Дамаск. Таму, на калифот заедно со нив му била донесена и главата на Хусеин. На 40-от ден по смртта на имамот Хусеин, неговата сестра Зејинаб се вратила во Карбала од Дамаск, носејќи ја со себе главата на нејзиниот брат која ја закопала во неговиот гроб.

Најчесто на крајот од ноември или почетокот од декември шиитските муслимански верници почнуваат со славењето на празникот Ашура, годишнината од смртта на имамот Хусеин, внукот на пророкот Мухамед. Во муслиманската традиција, на денот на Ашура верниците се потсетуваат на најзначајните настани од религиозна историја на муслиманите: создавањето на небесата, земјата и морето, раѓањето на Адем (Адам); излегувањето на пророкот Нух (Ное) од ковчегот; одлуката на пророкот Ибрахим (Авраам) да го жртвува својот син Исмаил (во библиска традиција – Исак), ставање крај на страдањето на пророкот Ајуб (Јов); спасението на Муса (Мојсеј). На овој ден, шиите организираат процесии во кои учесниците се удираат со тупаници во градите како и нанесувајќи си повреди со удари со синџири и со остри предмети. Самоказнувањето е персонификација на посветување на верните, еден вид барање искупување за вината за неуспехот да се заштити од смртта имамот Хусеин