Стотици Каталонци сакаат да ја преземат одговорноста за референдумот од 2017-та

Стотици лица во понеделникот стојат во редици пред судовите во Каталонија за доброволно да се пријават „за вина“ поради организирање и учество во референдумот за независност од 1-ви октомври 2017 година, што е дел од новата протестна кампања со која поборниците на независноста сакаат да предизвикаат колапс на судовите во североисточната покраина на Шпанија.

Граѓанското здружение Omnium Cultural, чиј лидер Жорди Квиксар е осуден на 9 години затвор, ги повика демонстрантите да почнат да се пријавуваат „за виновност“. Пред судовите организацијата на граѓаните им дели формилари. Граѓаните со пополнетите формулари стојат мирно во редови за да ги предадат во судовите во најголемите покраински градови Барселона, Лерида, Жирона и Тарагона.

„Ако да се протестира, слободно да се изразува и да се гласа е кривично дело, тогашни сите сме виновни. Ова е потег на солидарност и достоинство“, соопштија од Omnium Cultural. Организацијата на својата интернет страница во петокот ги поставила формуларите, а досега ги „симнале“ околу 10.000 луѓе.

Високиот суд на правдата во Каталонија го ограничи примањето пријави „за вина“ на 25 дневно, со цел судовите да не бидат блокирани со голем број пријави кои мора да се обработат и случаи кои мора да се спроведат. Во Барселона поради тоа, пријавите се примаат од 7,30 до 8,45 часот претпладне.

„Редиците се непрегледни. Граѓаните константно доаѓаат за да се пријават дека се виновни“, изјави за медиумите пред еден од судовите Марсел Мауро, потпретседател на Omnium Cultural. Снимките прикажуваат редови во кои има лица од различна возраст.

Врховниот суд во Мадрид пред две седмици изрече осудителни пресуди за 12 каталонски функционери и активисти кои во 2017 година го организираа референдумот за независност на Каталонија, а потоа во парламентот ја прогласија Република Каталонија, која сепак не заживеа. Уставниот суд на Шпанија го забрани тој референдум на кој гласаа 2,2 милиони луѓе, а девет функционери беа осудена на затворски казни од 9 до 13 години.

По изрекувањето на пресудите, следеа масовни улични протести на поборниците на независноста кои бараат ослободување на осудените челници. Во текот на протестите дојде до судири на демонстрантите и полицијата во кои се повредени околу 650 лица. Во саботата во Барселона беше одржан масовен собир на заговорниците за незaвисност, а во неделата на улиците излегоа околу 80.000 приврзаници на унитарноста на Шпанија.