Најмалку 324 луѓе ги загубиле животите во незапаметените монсунски поплави во индиската сојузна држава Керала, објави во петокот покраинската влада којашто оценува дека станува збор за најголемата природна катастрофа во историјата.
Премиерот на Керала, Пинараји Виџијан, објави на Twitter дека неговата држава е „соочена со најстрашните поплави во последните стотина години…. со 324 загубени животи“. „Сведоци сме на нешто што не се случило во историјата на Керала“, изјавил Виџијан за новинарите.
Според претходните официјални податоци, десетдневните поплави однеле 164 човечки животи. Властите велат дека многу жртви настрадал кога врз нив паднале стебла поради одрони на почвата. Владата го повика населението задолжително да ги послуша наредбите за евакуација, бидејќи следните денови се очекува продолжување на обилните врнежи.
Спасувачите притоа се справуваат со обилните дождови во обидите да ги спасат локалните жители. Повеќе од 200.000 луѓе останале без своите домови и се сместени во привремени кампови. Луѓето опкружени од големите порои ги спасуваат стотици војници со помош на хеликоптери и чамци. На оние коишто успеале пред налетот на водите да дојдат до повисоки терени им се достауваат храна и вода.
Поплавите ја разоруваат Керала веќе десетти ден, а околу 223.000 луѓе биле принудени да се сместат во 1.568 импровизирани прифатни центри, беше прецизирано во петокот. Керала е главната туристича дестинација, како за Индијците така и за странците. Во оваа држава има 41 река, и сите се влеваат во Арапското Море.
Индиското министерство за внатрешни работи објави дека повеќе од 930 луѓе загинале ширум земјата од почетокот на сезоната на монсунските дождови во јуни.