Стотици починати од топлотниот бран во Шпанија и Португалија

Стотици лица починале изминатите седмици поради топлотниот бран што го погоди Пиринејскиот полуостров, според извештаите и податоците објавени во саботата.

Најмалку 350 луѓе починале како последица од топлотниот бран во Шпанија, каде што температурите надминаа високо над 40 Целзиусови степени, пишува дневниот весник La Vanguardia во саботата, наведувајќи ги податоците од државниот здравствен институт „Карлос Трети“.

Само во петокот, кога температурите во некои делови на Шпанија се искачија на 45 Целзиусови степени, 123 лица починале од причини поврзани со екстремните горештини.

Високите температури седмицава го зафатија југот на Европа. Во соседна Португалија регистрирани се 238 смртни случаи повеќе меѓу 7-ми и 13-ти јули во споредна со истиот период минатите години. Овие смртни случаи се припишани на екстремните горештини, а не само на коронавирусот, известува новинската агенција Lusa.

Во повеќето од случаите, починатите се лица ослабени поради старост или од претходни болести, пишува натаму барселнскиот дневен весник La Vanguardia. Во петокот, на пример, 60-годишен чистач на улици ненадејно паднал. Лекарите му измериле телесна температура од 41,6 степени откако бил пренесен во болница пред да почине.

Властите на Пиринејскиот полуостров ги советуваат граѓаните да консумира повеќе вода и течности, да ги одложат физичките напорни активности и доколку немаат потреба да не ги напуштаат своите домови претпладне или квечерината.

Горештините и долготрајната суша предизвикаа и бројни катастрофални пожари во Шпанија и во Португалија. Метеоролозите најавуваат мало олеснување следните денови, кога се очекува температурите на многу места да паднат под 40 Целзиусови степени.