Стотици трактори во Париз на протест против забраната за пестициди

Француските фармери влегоа со стотици трактори во главниот град Париз во средата рано утрото во знак на протест против забраната за употреба на пестицидите и другите еколошки регулативи за кои велат дека го загрозуваат земјоделското производство во најголемата земјоделска сила во Европската унија.

Акцијата уследи по одлуката на судот на ЕУ во јануари со којашто беше поништена француската политика која им дозволуваше на одгледувачите на шеќерна репка да користат забранет инсектицид. Ова предизвика загриженост кај одгледувачите на шеќерна репка за натамошно намалување на културите и затворање на фабрики за шеќер.

„Овие повторени забрани и неактивноста на владата во поддршката на многу сектори (цреши, јаболка, цикорија, компиров скроб и други) го осудуваат земјоделското производство“, изјавија од најголемиот француски земјоделски синдикат FNSEA, синдикатот на производителите на шеќерна репка CGB и групата млади фармери ЈА.

Предупредија дека увозот на земјоделски култури, кои не подлежат на слични ограничувања за употреба на пестициди, ќе ги загрози француските работни места.

Еколошките активисти велат дека остатоците од пестициди им штетат на почвата и на дивиот свет.

Синдикатите очекуваа 500 трактори и 2.000 земјоделци од областа на Париз да се приклучат на протестот. Сѐ уште не е можно да се потврдат бројките, изјави портпаролот на синдикатот CGB.

Тракторите, некои со транспаренти на кои пишува „Макрон го ликвидира земјоделството“ и „Спасете го својот земјоделец“, треба да ја завршат својата поворка во близина на француското Министерство за земјоделство. Таму претставниците на земјоделските синдикати претпладнето требаше да се сретнат со францускиот министер за земјоделство Марк Фесно.