Стотина планинарки и планинари се искачија на Димев Врв на Пелистер

Над 500 планинари, меѓу нив и околу 70 жени планинарки се искачија на Пелистер, ставија цвеќе на Димев Врв, и оддадоа почит на Димитар Илиевски Мурато, првиот Македонец кој пред 34 години го освои највисокиот врв на планетата, Монт Еверест.

Традиционалниот марш кој во овој период од годината се одржува во чест и слава на Димитар Илиевски-Мурато, почна во 7 часот утрото по планинарска патека долга 26 километри.

-Прекрасно беше чувството да се учествува на планинарскиот марш кој и годинава понуди планинарски предизвици, бидејќи од месноста Ловечка Куќа и се до Димев Врв и Пелистер чекоревме низ снежна покривка висока 80 сантиметри. Очекувано најбројни беа битолските планинари, но заедно со нас и оваа година беа планинарите од Скопје, Кочани, Куманово, Пехчево, Кавадарци и други македонски градови, како и гости од Грција, изјавија за МИА учесници на планинарскиот марш.

Планинарскиот марш е востановен во 1989 година, истата година кога битолчанецот Димитар Илиевски-Мурато, како член на македонската алпинистичко-хималајска експедиција „Еверест 89“ се искачи на највисокиот врв на светот Еверест, развиори знаме, но за жал не успеа да се врати до базниот логор, останувајќи вечно на Хималаите.