Страшни и уценувачки барања од Бугарија за евроинтеграцијата на Македонија

Владата во Бугарија ги усогласи своите позиции во врска со процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Притоа, донесена е одлука со која се поддржува Македонија да добие датум за преговори со ЕУ, но, со низа скандалозни услови и уцени кои земјава би требало да почне да ги реализира од 2020 година.

Ова значи дека доколку Македонија добие датум, условите од Бугарија сериозно можат да ги забават преговорите. Во воведот на текстот стои дека иако Бугарија е конзистентна во својата поддршка за проширување на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан, сепак, „Бугарија не треба да дозволи интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ да биде придружена со европско легитимирање на анти-бугарската идеологија спонзорирана од државата“.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за бугарската агенција „Фокус“ вели дека „Северна Македонија мора да се воздржи од спроведување политика за поддршка и промовирање признавање на македонското малцинство во Бугарија. Во согласност со чл. 11 од Договорот за добрососедство, не постојат историски и демографски основи за барање статус на малцинство “.

Друг услов е во однос на јазикот, односно да се користи фразата „Официјален јазик на Република Северна Македонија“, а при неопходна потреба од користење на терминот „Македонски јазик“ во документи и позиции на Европската Унија со фуснота секогаш да се појаснува „Согласно уставот на Република Северна Македонија“. Следи дека е јасно дека различната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во некогашната југословенска република по неговото кодифицирање по 1944. Ниту еден документ/изјава во процесот на зачленување во ЕУ не може да се смета како признавање од бугарска страна на постоењето на таканаречениот „македонски јазик“ одвоен од бугарскиот, пишува во документот, кој денеска го усвои бугарската влада.

Исто така, Македонија ќе треба да иницира процес на рехабилитација за жртвите на југословенскиот комунистички репресивен режим, кои биле репресирани заради нивното бугарско самосознавање.

Што се однесува до Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни работи, таа мора да даде конкретни резултати. За важни личности и настани во периодот до 1944 година за нашата заедничка историја: Гоце Делчев, Илинденско востание, треба да се заменат информативните табли. Треба да се отстранат и натписите на споменици, плакети и на згради, кои шират отворена омраза кон Бугарија.

„Кога ќе се чествуваат настани и личности за кои е веќе  постигнат договор, политичките фигури, претставниците на државните институции мора да се придржуваат кон постигнатите договори “, додава Захариева. Од нејзината изјава е јасно дека Бугарија ќе инсистира на услови во различни поглавја низ целата рамка на преговарање.

Таа нагласува дека ќе се инсистира на надминување на говорот на омраза во јавниот домен, вклучително и против лица кои се идентификуваат како Бугари и имаат бугарска свест.

Се разбира, не можеме да инсистираме дека тоа треба да се случи во сите медиуми, но во медиумите финансирани од државата, ова мора да се запре “, вели Захариева.

Меѓу условите кои преку документот ги испорача Бугарија е и конечна промена на учебниците по историја во кои се бара исторките документи да бидат изучувани на бугарски јазик.

„Ние, исто така, ќе инсистираме за промена на наставните материјали во образованието, но и во сите документарни филмови и музеи финансирани од државата. За почеток на преговорите, услов беше потпишувањето на договорот и првите резултати од истиот. Бугарија ќе се согласи за прием на Северна Македонија во ЕУ  само кога ќе се исполнат сите критериуми на поглавјата, додаде вицепремиерката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.