Со регионални иновациски стратегии ќе се поттикнува развојот на иновациите на национално ниво. Oсум плански региони во Македонија ќе бидат вклучени во активностите на Фондот за иновации и технолошки развој во наредниот период.
Целта, како што посочи директорката на Фондот, Јасмина Поповска ќе биде што поголемо запознавање на оние претпријатија во регионите за да се мотивираат истите да аплицираат за сретства до Фондот и да се насочат согласно приоритетите и компаративната предност на овие региони.
На денешниот настан што се оддржа во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ беше промовиран проектот на Владата на Република Македонија за подготовки на стратегии за иновации на осумте плански региони во Република Македонија. Настанот се одржа во организација на Министерството за локална самоуправа и Фондот за иновации и технолошки развој.
Денес го означуваме почетокот на подготовка на регионалните центри за иновација коишто Министерството за локална самоуправа во соработка со Центрите за развој на планските региони со поддршка на Фондот за технолошки развој и иновации, германското друштво за соработка и развој и швајцарската агенција ќе ги поддржи во наредниот период. Овој проект е проект кој што е во рамки на проектниот план на Владата, посочи државната секретарка во Министерството за локална самоуправа, Билјана Цветановска Гугоска.
Таа потенцира дека реализацијата на овој проект следи по реализацијата на низа други проекти кои пак Министерството за локална самоуправа во соработка со донаторите ги спроведе на ниво на плански региони, а кои што имаат за цел да ја динамизираат врската со бизнис заедницата како клучен играч во подигнувањето на регионалниот економски развој.
Во изминатиот период беа воспоставени бизнис центри во рамки на Центрите за развој на планските региони чијашто улога беше да организираат информативни, едукативни настани, да подготват низа на документи кои што се значајни за развојот, како водичи за привлекување на странски инвестиции, програми за поддршка на мали и средни претпријатија и слично. Оттаму, настрана на реализацијата на проекти за регионален економски развој кој што континуирано беше 9 години спроведуван од Министерството за локална самоуправа, станува збор за подготовка на мноштво такви документи коишто ќе играат значајна улога во определувањето на траекторијата на развој на планските региони. Дополнително, би сакала да истакнам дека станува збор не само за подготовка на документи, туку дека веќе се обезбедени и средства за реализација на една до две мерки по плански региони од страна на донаторот во соработка со министерството, рече Цветановска – Гугоска.
Поповска: ФИТР годинава ќе обезбеди 2 милиони и 250 илјади евра за иновации
Директорката на Фондот за иновации и технолошки развој Јасмина Поповска нагласи дека овие осум плански региони во Македонија ќе бидат вклучени во активностите на Фондот за наредниот период со цел што поголемо запознавање на оние претпријатија во регионите за истите да се мотивираат да аплицираат за сретства до Фондот и да се насочат согласно приоритетите и компаративната предност на овие региони.
Ние како Фонд обезбедуваме околу 2 милиони и 250 илјади евра за оваа година, меѓутоа истите се наменети за сите сектори, за сите претпријатија што доаѓаат од Македонија и не ги таргетираме по региони. Но сепак, со цел да имаме повеќе застапено рамномерен регионален развој ние би сакале да видиме што повеќе претпријатија кои што доаѓаат од разновидни региони, односно да не се само од скопскиот. Би сакала да истакнам дека денешниот ден е многу значаен затоа што Владата стратешката определба кон иновациите ја започна некаде 2012-тата година со Стратегијата за иновации. Ова е дополнителен прогрес во насока на стратешко присуство на регионално ниво со цел сите актери и иновации да бидат вклучени во процесот и секако иновациите да имаат поголема дисперзија на национално ниво, рече таа.
Како што посочи, минатата година преку Фондот се доделени околу 1 милион и 300 илјади евра. Таа изрази надеж дека оваа година ќе има зголемување на интензитетот за доделување на помош и како што рече, веќе има резултати – еден од првите проекти е завршен, а други пет се веќе на пазарот, односно нивните иновативни решенија се промовираат и се пласираат.
Особено е значајно што денеска со нас се и Меѓународните организации кои што работат на полето на иновации на регионален развој, коишто даваат поддршка и помош на Република Македноја во овој дел и навистина значајно е со нив соработката да се интензивира и да се координираме, посочи Поповска.
Инаку, Фондот за иновации и технолошки развој работи на поттикнување и поддршка на иновациската дејност кај микро, мали и средни претпријатија, ново-основани претпријатија и на поттикнување забрзан технолошки развој. Целта е подобрување на капацитетите на компаниите преку трансфер на знаења, трансфер на технологии, развојни истражувања и иновации, што би придонело за зголемување на конкурентноста на компаниите, водејќи кон подобрена економска клима, економски раст и развој.