Стратешки форум во Блед на Лидерите од регионот и од Европа за предизвиците по Ковид-19

Во Блед, Словенија, вчера се одржа 15. Бледски старешки форум кој традиционално ги собира лидерите од регионот, но и од светот, на разговори за најважните теми на денешницата. Секако, оваа година форумот се одржува во посебни услови поради пандемијата на коронавирусот. Затоа е и темата „Предизвици и можности во пост Ковид-19 светот: Соседи-региони-глобален свет: Партнери или ривали?”, пренесува „Анадолија“.

На вчерашниот панел „Европа после Брегзит и Ковид-19”, кој го привлече најголемото внимание на јавноста, меѓу останатите учевствуваа и Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Александар Вучиќ, претседателот на Србија, потоа Андреј Бабиш, Бојко Борисов, Џузепе Конте, Јанез Јанша, премиерите на Чешка, Бугарија, Италија, Словенија, Полска, Унгарија и Хрватска.

„Ние сме на европскиот пат и соочени сме со многу потешкотии. Ние не им припаѓаме на напредните економии, но не им припаѓаме ни на економиите во зародиш. Оваа години нема да се соочиме со рецесија“, рече Вучиќ за време на панелот.

Хрватскиот премиер Пленковиќ нагласи дека периодот после пандемијата ќе биде предизвик.

„Не ги знаеме мерките или димензијата на евентуалниот втор бран на Ковид. Сега смртноста е ниска, но бројките растат, затоа треба да видиме како ќе се прилагодиме на новите услови“, истакна Пленковиќ.

На форумот во Блед присуствува и Мирослав Лајчак, претставникот на Европската Унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, кој го искористи своето доаѓање во Словенија за да се сретне со српскиот лидер Вучиќ.

„Одблизу се координираме со Соединетите Американски Држави или се информираме едни со други. Од друга страна, би било грешка да најавуваме кога би требало да заврши дијалогот. Сè уште имаме многу сложени прашања на маса и во Брисел сакаме да ги гледаме нашите партнери што почесто“, рече Лајчак.

На форумот денес се одржа панел на министрите за надворешни работи, а угледните учесници беа предводени од Жозеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија.

„Добрососедските односи и силните регионални иницијативи ќе играат значајна улога во редефинирање и повторно откривање на начините со кои глобалната заедница ќе се соочува со нови закани во иднина. Регионалните групации во зародиш, како што е Иницијативата на три мориња, отвораат нови можности во средна и источна Европа за премостување на инфраструктурните празнини во енергетиката, мобилноста и дигитализацијата, во преземањето на стратешки инвестициски проекти и зајакнување на трансатлантската соработка. Во тој контекст, вештачката интелигенција и дигитализацијата се особено неискористени потенцијали за да станат нов двигател, помагајќи ни од почеток да изградиме одржливо општество“, истакнаа организаторите на Стратешкиот форум.

Форумот е организиран како хибриден настан, а во еден дел беше обезбедено и учество на гостите на самото место. Покрај сесиите во живо, оваа година организирани се и онлајн дискусии.