Стравот од забрана на извозот од Индија поттикна грабање по оризот

Неочекуваната индиска збрана за извоз на пченицата покрена бран купувања на оризот и невообичаени нарачки за испораки во следните месеци, бидејќи се ставува дека владата во Њу Делхи може да го ограничи и извозот на оваа житарка, рекле за Reuters четворица увозници.

Во последните две седмици трговците потпишувале договори за извоз на милион тони ориз во периодот од јуни до септември и со забрзано темпо набавуваат акредитиви (LC) за да ги осигураат испораките, дури и доколку Индија го ограничи извозот, рекле соговорниците на агенцијата.

Бранот купувања се надоврза на испораката на околу 9,6 милиони тони ориз од Индија годинава, на ниво на рекордната 2021 година, и би можело да ја намали достапноста на оризот за другите купувачи во текот на следните месеци.

„Меѓународните трговци резервираа испораки за следните три до четири месеци и сите отворија акредитиви за да обезбедат континуитет на работењето“, изјавил извршниот директор на најголемиот индиски извозник на ориз „ Satyam Balajee“, Химаншу Агарвал.

Вообичаено, трговците со овој производ склучуваат договори за испорака во тековниот и следниот месец.

Агресивното купување во Индија може истовремено да го намали побарувањето на ориз од Виетнам и од Тајланд, вториот односно третиот по обемот светски извозник, кои тешко се носат со конкуренцијата по прашањата на цената.

Индија во мај го забрани извозот на пченица, изненадувајќи ги пазарите, имајќи предвид дека само неколку дена претходно објави дека годинава планира да испорача рекордни количества од оваа житарка.

Забраната поттикна шпекулации дека владата во Њу Делхи може да го ограничи и извозот на оризот, иако владини функционери ја отфрлија таквата можност, истакнувајќи дека Индија има доволно резерви од ориз и дека цените на домашниот пазар се пониски од оние коишто ги одредува државата.

Индија сочинува повеќе од 40 отсто од тргувањето со ориз во светот.

Купувачите во странство го бараат индискиот ориз, бидејќи е далеку поевтин од оној на конкуренцијата, вели претседателот на здружението „ All India Rice Exporters“, Б.В Кришна Рао.

Индискиот кршен ориз се нуди по цена од 330 и 340 долари, во споредна со 455 до 460 долари по тон во Тајланд и 430 и 425 долари во Виетнам, според трговците.

„Индискиот ориз е повеќе од 30 отсто поевтин од оној на другите извозници. Сиромашните купувачи во Азија и во Африка би биле принудени да плаќаат многу високи цени, доколку Индија го ограничи извозот. Затоа тргна навалицата на индискиот ориз“, вели еден од анкетираните трговци.