Стрезовски: Ќе се изгради обиколница околу Ресен, реализација на втората фаза од градскиот водовод

Пред 4 ипол години на овој плоштад излеговме пред вас со конкретна програма и ветување дека во наредните 4 години ќе реализираме 77 проекти. Денес со високо крената глава излегувам повторно пред вас со отчетот за сработеното. Во изминативе 4 години, успеавме да реализираме, не 77, туку над 180 проекти од витално и капитално значење за Ресен и Преспа, истакна кандидатот за градоначалник на Ресен, Ѓоко Стрезовски, на големиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.

-Се вградија дела кои трајно ќе останат тука за сите нас и нашите идни поколенија. За само 4 години се инвестирани речиси 40 милиони евра. Со домаќинско работење, успеавме да решиме многу од проблемите кои ги засегаат граѓаните, подвлече Стрезовски и додаде:

„Ресен добива нов и најсовремен систем за водоснабдување. Пред 4 години ветивме дека ќе го подобриме уличното осветлување, денес имаме најмодерно улично осветлување во Македонија. Изградивме и реконструиравме 27 локални патишта и улици, а направени се и тротоарски решенија. На дивите депонии, никнаа паркови, изградена е станбена зграда за лица во социјален ризик. Пред 4 години јасно ја потенциравме нашата определба, да создадеме услови за туризам, ветивме и остваривме.

Сегашниот и кандидатот за иден градоначалник на Ресен потенцираше дека не биле запоставени ниту инвестирањата во образованието, културата и спортот.

-Ресен за прв пат доби повеќенаменско игралиште. Се грижевме и за лицата со посебни потреби… Сега повторно ја барам вашата доверба за заедно да продолжиме напред и во следниот мандат да реализираме барем уште толку проекти. Она што го ветуваме, тоа и го остваруваме. По тоа сме поразлични од оние другите.

Стрезовски најави дека во следните 4 години ќе се изгради обиколница околу Ресен, ќе се реконструираат многу улици и патишта, ќе се реализира втората фаза од градскиот водовод, ќе се изградат неколку фекални системи, ќе се постави комплетно канделабриско осветлување на неколку места, ќе се продолжи изградбата на нови плажи на Преспанското Езеро…

– И во наредниот период нема да ги запоставиме ниту образоанието, културата и спортот. Ова е само дел од вкупно 108-те проекти. По 4 години повторно ќе застанме пред вас да констатираме дека тоа што сме го ветиле тоа и сме го оствариле. Нашата девиза е секогаш работа, секогаш Македонија.