Струјата поскапува во јануари

Цената на струјата е загарантирана до декември, од јануари следи покачување и за тоа треба да сме свесни, но за колку никој не знае, изјави во петокот генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски за ТВ21.

Рестрикции, според Ковачевски, нема да има и уверува дека „нема простор“ за паника како што се прикажува ситуацијата во јавност, како што вели и тврди дека двата блока на РЕК Битола работат, а може да смета и на ТЕЦ Неготино.

„Во декември треба да направиме план, програма за производство за следната година. Ќе се ориентираме според трошоците зголемени во однос на зголемената енергија на ресурси, репроматеријали и ќе формираме цена која ќе ја доставиме до Владата. Владата ќе ни даде задолжение. Цената на електричната енергија ја одредува регулаторна комисија“, рече Ковачевски.

Посочи дека ЕСМ со удел од 33 отсто учествува во цената на струјата.

„Ќе гледаме да одиме со најниска производна цена, но да бидеме свесни дека нема да одиме со истата цена од оваа година. Ќе има покачување на цената но не можам ни јас да кажам, ниту некој друг колку проценти ќе биде“, истакна Ковачевски.