Струјата за домаќинствата од идниот месец поскапа до 4 отсто?

Трите енергетски компании ги доставија своите барања до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за цената на електричната енергија на регулираниот пазар, по 1 јануари идната година.

АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на струјата за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ зголемување за пет отсто на цената за снабдување.

– Доколку се прифатат барањата вакви како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и на домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека уште од сега може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.

– На тој начин ќе им се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и на сите компании што се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има голем број на елементи што влијаат врз крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, фактор на корекција кои го имаат трите компании и исто така има и други елементи, како пренесени трошоци, така што сите овие елементи деновиве ќе ги анализираме и во текот на неделава ќе ги донесеме конечните одлуки, рече Бислимоски.

Тој информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.

– Блоковската структура и границите остануваат исти. Четири-пет месеци веќе се применуваат. Имаме добри резултати така што сега засега не планираме да ги промениме и ќе останеме со истите блокови. Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведат блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули в година, рече Бислимоски.

Со последната одлука на РКЕ, во делот на евтината тарифа нема блоковска структура. На тоа се додава и трошокот за мрежарина и се добива крајна цена за домаќинствата.

За следната година, „ЕВН Хоум“ бара 3.900 гигават часови електрична енергија што 100-процентно ќе бидат обезбедени од АД ЕСМ, рече Бислимоски, додавајќи дека не се предвидува увоз на струја за потребите на регулираниот пазар до 30 јуни 2023.