Струмичанец го оштетил буџетот за над 18 милиони денари

Триесет и седумгодишен струмичанец, инаку управител на фирма, не платил данок, со што направил штета на државниот буџет во висина од над 18 милиони денари, соопштува Министерството за внатрешни работи.

Управителот на фирмата „Трго мак пром МБК“ од струмичкото село Ново Село, Б.М.,не пресметал и не платил данок на додадена вредност, а во евиденцијата не ги евидентирал фактурите за набавени цигари во текот на 2011-та и 2012-та година, по што не платил персонален данок и го оштетил буџетот за 18 милиони 134 илјади и 613 денари.

Полицијата против Б.М. поднесе кривична пријава за „даночно затајување“ и „фалсификување и уништување на деловните книги“.