Струмички компании се богателе со кредити без покритие од „Еуростандард банка“

Имаме апсолутен молк од власта и очигледна намера да се сокрие аферата Еуростандард банка тешка 200 милиони евра. Владата бега од темата на кои компании блиски до власта им биле делени кредити без покритие. Нашите сомнежи говорат дека кредити без покритие биле делени на компании уште пред 3 години. Тие кредити биле давани на компании кои биле основачи на други компании и тоа без прецизни и издржани планови за отплата, изјави на прес конференција Гордана Димитриеска Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ која додаде:

„Кредитите биле наменети за изградба на згради и станови. Тие кредити се давани и на повеќе струмички компании блиски до власта, без соодветни хипотеки. Кога е направена ревизија и активирани хипотеките тие компании свесно се однесени во стечај што создава голема криза кај банката. Оттука се поставува прашањето што правеле државните институции задолжени за контрола на банката? Освен министерката за финансии кои други луѓе од власта пред време ги извадиле парите од банката?“

-Владата на Заев е одговорна за аферата Еуростандард тешка 200 милиони евра, што струмички компании се богателе со кредити без покритие од банката, што денес имаме 100 илјади блокирани сметки, бизниси кои стојат, дваесетина илјади неисплатени пензии, и стотина нови невработени.

За 5 месеци имаме скоро 40 илјади нови невработени лица. Тоа значи крах и фијаско економија, потенцираше Димитриеска Кочоска.