Струмички комуналци со поскапи скафандери од лекари на Торакална

Епидемијата на коронавирусот „јаде“ и многу пари преку итни набавки за епидемијата од кои секоја втора набавка е извршена со вклучување и преговарање само со еден продавач кој ја добива зделката при што досега се потрешени 3,3 милиони евра, анализира телевизија Телма по објавувањето на Центарот за граѓански комуникации кои откриле и дека за комунални работници во Струмица се купуваат поскапи скафандери отколку за лекари во скопската клиника за торакално-васкуларни болести.

„Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандери за еднократна употреба по цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандери за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денари. Притоа, неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции, стои во Анализа на Центарот за граѓански комуникации.

Најголем трошаџија е МВР, а не здравство. Во внатрешни потпишале 6 тендери вредни околу 1,9 милиони евра. Таму се купуваат најскапи заштитни ракакавици од 9,32 денари за парче. Иако кризни и за итни потреби- набавките во МВР се потпишуваат рамковно за период од три месеци. Тоа значи дека ќе се плати онолку колку што ќе се земе.

-Избран е најповолниот понудувач, но во рамковен договор. Што значи ќе се плати она што ќе се достави. Договорот е потпишан на 23-ти март на три месеци и истекува наредниот месец. Не се наведени точните цени туку само рамковните суми и количината. Цената на еден продукт ќе се добие со делење на сумата со количина, изјави Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Здравство е на второ место по итното трошење, а најмногу пари се издвоени за монтажната болница до Инфективната клиника за која фирмата Брако поврзана со екс-вицепремиерот Кочо Анѓушев испорача нарачка од контејнери вредни 142 илјади евра.

5 фирми добиле 71 проценти од договорите вредни 3,3 милиони евра за итни набавки. Најмногу со два тендера добила прилепската компанија Гифти текс која за милиони и 113 илјади евра продава заштитни маски и на МВР и на Министерството за одбрана.

Скопски Биотек која како приватна здравствена институција врши и тестирања за корона вирус под закрила на Институот за јавно здравје, исто така склучила договор со МВР дека за 657 илјади евра ќе продаде маски, ракавици, очила и комбинезони. Алкалоид и Еурофарм имаат најмногу договори иако пониски од оние за маски и заштитна опрема.

Проблемот покрај разликите во цената е тоа што институциите се нетранспарентни за итните набавки, преговараат само со еден добавувач и го кршат законот за ненавремено објавување на договорите.

„Трет’пат предупредуваме и апелираме, институциите да ги објавуваат договорите во законскиот рок од десет дена бидејќи само така јавноста ќе има увид и сознанија за договорите постигнати со итни јавни набавки“, вели  во прилогот на телевизијата Филков од ЦГК.

Анализата покажала дека пониски цени имало кога институциите преговарале за набавка со повеќе од еден набавувач.

„За разлика од претходно, по неколкуте укажувања за преговарање со повеќе наместо со една фирма, зголемен е бројот на итни набавки со повеќе од еден понудувач, констатира налиазата на Центарот.