Струшки лекари обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето во случајот на родилката од Дебар

По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против три лица за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 3 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик.

Станува збор за случајот од летото 2020 година, кога Јелдз Веапоска од Дебар, медицинска сестра од итната помош, преживеа вистинска голгота откако се породила во болницата во Струга со царски рез, но од операцијата излегла без матка, бубрег и без еден јајник.

Како што информира ОЈО, првообвинетиот како лекар – специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како лекар – специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како лекар – гинеколог акушер, вработени во Јавната здравствена установа – Медицински центар – Струга, при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентка – родилка од Дебар, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

„Родилката била примена на 27.08.2020 година заради породување на гинеколошкото одделение, бидејќи била во 40-тата недела од бременоста. Ја примил првообвинетиот кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал второобвинетиот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија. Како резултат на ова оштетување дошло до влошување на здравствената состојба на пациентката, која била нестабилна, но и покрај тоа обвинетите не презеле никакви мерки за утврдување на причините за влошување на нејзината состојба. Со терапијата која и ја дале дополнително ја влошиле состојбата на пациентката и задоцниле со реакцијата, поради што кај неа настанала огромна загуба на крв и западнала во состојба на шок“, соопшти ОЈО.

Во такви услови, се вели во соопштението, првообвинетиот со асистенција на третообвинетата се решиле да извршат нов оперативен зафат за да го спречат крварењето, да и ја отстранат матката и левиот јајник иако на овие органи немало никакви промени или повреди. Откако и по затворањето на пациентката крварењето не престанало, тие се решиле за уште еден оперативен зафат при што хирурзите откриле дека крварењето доаѓа од оштетувањето на бубрежната артерија предизвикано при царскиот рез. Заради неможноста да се реконструира бубрежната артерија, таа морала да се подврзе и да се отстрани левиот бубрег со цел да се спаси животот на оштетената.

-Кога тоа било направено и крварењето било запрено, пациентката била препратена на лекување на Државната клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, прецизира ОЈО.