Студ и снег го закова Балканот

По невообичаено топлото време во јануари, Хрватска и Босна и Херцеговина, со исклучок на јадранскиот брег, се оковани од снег и ниски температури, соопшти „Танјуг“.

Загреб се разбуди со температури од минус седум степени, а во текот на денот живата на термометрите ќе се искачи само до два степени под нулата. Долж Јадранскиот брег врнежите од снег беа помешани со дожд и силен северен ветер. Во Слиеме и Завишан наврнаа над 44 сантиметри снег.

Десет степени под нулата беа измерени и во централна Босна и Херцеговина и во Србија. Метеоролозите од хидрометеоролошкиот институт на Босна и Херцеговина соопштија дека во некои делови на земјата снежната покривка изнесува од 10 до 20 сантиметри, а во текот на денот се очекува таа да се зголеми. Поради ветрот се можни и снежни виулици. Се очекува ниските температури да се задржат до средината на февруари.

Снегот не ја одмина и Србија. Во Белград службите реагирале брзо и нема непроодни патишта, соопштуваат српските медиуми. Се очекува студеното време да се задржи, а снежната покривка да достигне 15 сантиметри. Во некои делови на земјата движењето е отежнато поради замрзнување на патиштата.

Поради силните снежни врнежи и виулици во Романија беше запрено движењето на трите главни автопати и на 16 национални патишта. Откажани се летовите, возовите се движат со задоцнување, соопштува романската печат, портокаловиот код за тревога е прогласен во 18 области во јужниот и југоисточниот дел на земјата. Властите препорачуваат да се избегнува патувањето, а доколку е неопходно да се патува, автомобилите задолжително да се придржуваат до правила за движење во зимски услови.