Студенти од ФЕИТ победија на балкански инженерски натпревар

Тимот на студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) наречен „Space Divers“ победи во категоријата „Case Study“ на инженерскиот натпревар „European Best Engineering Competition“ и со тоа се пласира за учество на европската финална рунда во Торино, Италија што ќе се одржи летово.

„Case Study“ e интензивна анализа што дава конкретно решение на некој технолошки или менаџерски проблем.

– Како претставници на државата и на ФЕИТ, со знаење и тимски дух и благодарение на она што сме го научиле и добиле од Факултетот, заслужено го освоивме првото место и обезбедивме понатамошен пласман на европско ниво. Успехот што го постигнавме е и успех на самиот факултет – вели Бојан Страчковски, лидер на тимот.

За деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, и оваа победа на студентите претставува доказ за вистинската едукација во рамки на Факултетот.

– Огромна чест и задоволство е да се примаат студенти кои освоиле прво место на меѓународен натпревар. Ова за нас претставува само потврда дека како Факултет успешно и правилно ги едуцираме студентите и освен теоретски, тие добиваат и практични знаења. Секако, им посакувам уште многу успеси на нашите студенти – рече Ташковски.

Натпреварот е наменет за поттикнување на креативното размислување за решавање на комплексни проблеми, и се одржува во три рунди: локална, регионална и финална рунда.

Ова е десетта година како тимовите од нашата држава учествуваат на овој натпревар.