Студентите пред Собранието го искажаа незадоволството и ги изнесоа своите барања

Зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно, реконструкција на студентските домови чии услови се лоши, изедначување на стипендиите и изземање на студентите од антикризните мерки на Владата се барањата на студентите кои протестираат и го блокираат сообраќајот пред Собранието.

Таму за попладнево  е закажана средба, затворена за медиумите, меѓу студенти – претставници на студентски универзитетски собранија во земјава, пратениците кои предложија нов Предлог-закон за студентски оброк и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

-Бараме да се зголеми субвенцијата за студентски оброк од 120 на 150 денари дневно. Со фактот што Македонија доживува одреден степен на инфлација, потребна е поголема финансиска и мотивациска поддршка на студентите. Реконструирање и реновирање на студентските домови – бидејќи во добар дел од нив условите се катастрофални и нечовечки. Потребно е и изедначување на стипендиите и оние студенти кои земале помала, сега да ја земаат поголемата стипендија. Исто така, многу важно барање е изземање на студентите од антикризните мерки на Владата затоа што државата не треба да штеди на студентскиот грб, изјави студентот Јован Јанев, член на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип пред почетокот на средбата во Собранието.

Тие се незадоволни од предлогот за измени  на Законот за субвенционираниот студентски оброк, кој по реакциите се повлекува од Собранието, откако беше на дневен ред на пленарна седница закажана за в среда.

Во Предлогот беа сменети досегашните критериуми за стекнување на правото на субвенциониран оброк, според кои студентите не треба да бидат корисници на стипендија од МОН, правото да не важи за апсолвенти и за студенти чии родители земаат плата поголема од минималната.

-Секоја акција има реакција. Ние реагираме на начинот на кој лукаво и дрско групата пратеници од владејачкото мнозинство пробаа да го протуркаат овој Предлог-закон. Се надеваме на изнаоѓање заеднички јазик зашто сите живееме во исто општество и имаме некои заеднички интереси.  Во овој случај е потребата и можностите на студентите, затоа ние ќе се обидеме во најбрз и најдобар начин да ги задоволиме правата на сите студенти, додаде Јанев.

Доколку не се исполнат нивните барања, рече тој, најверојатно ќе ги продолжат протестите.

-Останува да видиме како ќе се одвиваат настаните и така би реагирале на идните потези. Главен и клучен план е да го добиеме тоа што го заслужуваме и што отсекогаш ни припаѓало, истакна Јанев

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.