Македонски студентки на пракса во Силиконската долина

Македонски студентки на пракса во Силиконската долина. Организацијата Girls in Tech Macedonia најавува дека во соработка со Girls in Tech Global и Silicon Valley Internship Programme (SVIP), на сите девојки – членки на Girls in Tech кои неодамна завршиле или се во последна година на студии на ИТ факултетите ќе им овозможат платени пракси во некои од најдобрите компании во Силиконска Долина со Ј1 виза, пренесува МИА.

Станува збор за работни позиции со полно работно време и целосна плата во времетраење од една година. Избраните кандидатки ќе имаат можност да работат една година со инжинерските тимови на технолошки стартап компании – соработници на SVIP, и да ги развиваат своите ИТ, но и претприемачки вештини преку структурирана програма која покрај работната позиција, вклучува и хакатони и други настани кои за време на нивниот престој ќе бидат организирани од Girls in Tech Global и SVIP. На крајот на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во своите земји и да пренесат дел од искуствата стекнати во текот на таа незаборавна година, се вели во соопштението од Girls in Tech Macedonia.

Успешните кандидати, според најавата, треба да добијат плата во висина од 60.000 долари на годишно ниво за нивниот годишен ангажман во компанијата. Дополнително, тимот на SVIP ќе организира процесирање на визите за селектираните кандидатки, како и летови и сместување за првиот месец по пристигнувањето и слични дополнителни услуги.

Повеќе информации и формулар за аплицирање  се достапни на линкот: http://www.siliconvalleyinternship.com/girlsintech. Апликациите веќе се отворени, а интервјуирањето и поврзувањето со соодветни стартап компании ќе се случува на почетокот на 2016 година.