Студентски марш: Ни ветуваа „брда и долини“, а не добивме ништо, напротив, живееме сѐ полошо

Со транспаренти со пораки и примероци од храна оставени пред влезот на Министерството за образование и наука (МОН), студентите вечерва изразија незадоволство од студентскиот стандард и владините антикризни мерки.
„Дали е ова 1939?. Без образование нема држава!“, „Тука сме за домот навистина да ти биде како дома“, „Тука сме за да не ти биде џабе учењето“, „Ајде да ги земениме нашите оброци со вашите“, беа само дел од пораките кои ги упатија на студентскиот марш што започна пред Владата, а заврши пред МОН.

Маршот се одржа по повод Меѓународниот ден на студентите, во организација на универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“.

Студентите побараа подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк, изедначување на стипендиите, дигитализација и подигнување на квалитетот на образование.

Учесниците на маршот ги потсетија надлежните на дадените ветувања, потенцирајќи дека се потребни конкретни мерки за нивните барања.

-Да испратиме силна порака до надлежите дека е доста од поигрување со студентите и нивните права, пред мене гледам многу мои другари и пријатели со кои во текот на нашето студирање се соочивме со студот, со гладот, со катастрофалните услови во студентските домови кои се под секое човечко достоинство. Сакам да ги потсетам надлежните институции додека кажуваат бајки за европската иднина ние во студентските домови водиме своја војна, таму во 2022 година се уште се водат тешки преговори за обезбедување на подобри услови. Сите нас не обединува само една работа, а тоа е заштита на нашите права, сите нас не обеднуваат неисполнетите ветувањата, ни ветуваа „брда и долини“, а не добивме ништо. Напротив живееме се полошо од претходно, потребни се конкретни мерки кои ќе ги задоволат нашите барања, порача студентот Илија Ристески.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на американскиот универзитет на Америка ФОН Мила Петрушевска рече дека приватните факултети се подеднакво засегнати од проблемите со студентскиот стандард.

-Ние сме подеднакво засегнати затоа сме тука и не само денеска туку и изминатите средби и допрва ќе продолжиме да се бориме, барањата се подеднакво исти и од наша страна, само што ние како приватен универзитет имаме дополнително барање што немаме опција за бесплатен јавен превоз за студенти на приватните факултети, бидејќи сите знаеме дека на државните факултети студентите не плаќаат додека ние плаќаме, изјави Петрушевска.

Во насока на одржаните средби во изминатите денови помеѓу студентските претставници и претставници од институциите претседателот на УСС при УКИМ Славчо Темелковски, изрази надеж дека ќе дадат резултат и оти нивната вклученост во креирањето на политиките ќе биде пракса во иднина.

-Во понеделникот имавме прва работна група каде се сретнавме со банкарскиот сектор поминавме добро на таа средба, и како што кажав многу пати досега доколку ние учествуваме во процесот верувам дека ќе се донесат квалитетни законски решенија и младински политики. Исто така, денеска на иницијатива на Универзитетското студентско собрание при УКИМ уште пред две недели, беше одржана средба во просториите на Клубот на пратеници каде констатиравме дека до среда МОН ќе излезе со конкретен акциски план за решавање на најкруцијалните прашања поврзани со домовите. Има квалитетни млади и покажавме многу поголема созреаност и зрелост во однос на оние кои моментално ги носат младинските политики, па поради тоа еден од условите што го поставивме беше Универзитетските студентски собранија активно да учествуваат во носењето на политиките и верувам од сега па натаму активно ќе не вклучат во сите процеси и на тој начин заедно ќе креирам подобри решенија, порача Темелковски.

Во организација на младинското движење „Студентски отпор“ пред три дена се одржа протест, а по кој беше постигнат договор да остане постојното решение за субвенциониран студентски оброк до наоѓање системско решение.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка, со кој се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно, и предложи да се проследи на натамошна постапка во Собранието. (МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.