Соборената поранешна премиерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, е прогласена виновна во петокот за изборна измама и е осудена на три години затвор со присилен труд, пренесува Reuters повикувајќи се на извори запознаени со постапката.
Добитничката на Нобеловата награда за мир во 1991 година и челничка на мјанмарската опозиција во децениите на владеењето на воената хунта, беше притворена откако војската во февруари 2021 година ја отстрани од власт и ја обвини за низа дела, и веќе е осудена на повеќе од 17 години затвор.
Су Чи е обвинета за најмалку 18 кривични дела, од земање мито до кршење на изборните правила, за што е предвидена максимална затворска казна од речиси 190 години. Таа ги отфрла сите обвинувања.
Во петокот 76-годишната Су Чи е осудена дека сторила изборна измама на општите избори во ноември 2020 година, на кои нејзината партија Национална лига за демократија (NLD) победи со големо законодавно мнозинство, поразувајќи ја партијата зад која стои влијателниот воен врв. Од NLD негираа изборна измама и тврдат дека чесно победиле.
Изворот кој одбил да биде идентификуван бидејќи не е овластен за разговори со медиумите, за Reuters рекол дека не е јасно што би би се подразбирало под тежок труд. Сообвинетиот Вин Мјинт, соборениот претседател, ја добил истата казна, рекол изворот.
Судењето се одржало без присуство на јавноста во главниот град Најпјидав, а изјавите на претставниците на воената власт за постапката биле куси. На адвокатите на Су Чи им е наметната забрана за јавно коментирање, тврдат тие.
Војската на Мјанмар на 1-ви февраури 2021 година ја собори цивилната влада и ја презема власта апсејќи голем број владини функционери. Војската овој потег го оправда со наводно масовно фалсификување на резултатите од општите избори во 2020 година и неподготвеноста на цивилните власти да го истражат тоа. Членовите на привремената воена влада ветија одржување нови парламентарни избори за една година и предавање на власта на партијата којашто ќе победи на нив. Подоцна, воениот портпарол поради безредијата со стотици жртви соопшти дека е донесена одлука изборите да се одржат во рок од две години.
Масовните протести против воените власти се секојдневие во повеќето градови ширум Мјанмар. Повеќе од 70 отсто од државните службеници, вклучително и медицинските работници, се вклучија во кампањата на граѓанска непослушност кон властите, напуштајќи ги работните места.
Протестите кои привлекоа десетици илјади луѓе во првите денови на отпорот во големите градови, главно сега се запрени а противниците на превратот почнаа да изведуваат ткн „герилски протести“, односно мали брзи искажувања на отпорот пред безабедносните сили да можат да одговорат на нив.
Сите западните влади го осудија превратот, иако досега имаше малку конкретни активности за спроведување на притисок врз мјанмарските генерали. Советот за безбедност при Обединетите нации побара ослободување на Аунг Су Чи и другите притворени политичари.