Субвенции и капитални инвестиции- дел од реализираните проекти во земјоделството

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески на синоќешниот отчет за сработеното во изминатите 10 години истакна дека субвенциите за земјоделците се едно од најкрупните ветувања на Владата и додаде дека задоволство е што веќе 10 години по ред тоа ветување се исполнува.

– Земјоделецот знае дека има партнер во Владата и дека треба да добие субвенции, знае колку ќе добие и кога ќе ги добие средствата што му дава сигурност. Во поглед на делот на субвенциите, земјоделците знаат на што се со ВМРО-ДПМНЕ, рече Ставрески.

Тој додаде дека со субвенциите се зголемува и вкупното производство, а зголемен е и извозот на земјоделските производи.

– Во 2015 година извозот на земјоделското производство изнесува 487 милиони евра додека во 2006 беше 318 милиони евра. Извозот на храна е двојно зголемен меѓу 2006 и 2015 година, зголемен е и извозот на вино и извозот на тутун. Извозот на сите земјоделски производи расте во овие години и има позитивен ефект врз трговскиот биланс, посочи вицепремиерот Ставрески.

Заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски истакна дека изминатите години се реализирани крупни капитални инвестиции во земјоделството, а се очекува овој тренд да продолжи и во текот на оваа година.

– Најважно што сакам да истакнам е дека 2016-та година дефинитивно ќе биде година на капитални инвестиции во водостопанството бидејќи ќе почне градбата на браната „Речани“ на Оризарска река во вкупна вредност од 40 милиони евра. Ќе се гради и браната „Конско“ во Гевгелија, а треба да се реализира и системот за наводнување во полошко поле во вкупна вредност од околу 10 милиони евра, рече Костадиновски.

Беше соопштено дека како поддршка за младите земјоделци се инвестирани над 90 милиони денари.

– Се работи за мерка со која се поддржуваат младите земјоделци кои започнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност со финансиска поддршка во висина од 600.000 денари. Огромен интерес има од страна на младите земјоделци за добивање на овој вид на поддршка. Оваа мерка ја спроведуваме од 2012 година. Досега заклучно со 2015 година имаме склучено 168 договори во вкупна вредност од 90.450.000 денари. Околу 150 договори се веќе реализирани и исплатени, а останатите се во фаза на реализација. Тоа што е интересно е да се каже дека и во 2016 година имаме огромен интерес за оваа мерка, истакна директорката на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Билјана Вуковиќ.