Субвенции за излозите и рекламите во Старата скопска чаршија

Министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу потпишаа Договор за реализација на проектот за уредување на излозите и рекламите во Старата скопска чаршија, во вредност од 11,33 милиони денари.

Предмет на овој договор е доделување субвенции за уредување на излозите и рекламите во ќаршијата, согласно Програмата за развој на туризмот за 2018 година. Според оваа програма веќе е готова и техничката документација за конзервација, санација и адаптација на излозите и написите на дуќаните во Скопската чаршија. Рокот за реализација на проектот е една година.

Овој заеднички проект има за цел зачувување на инфраструктурната автентичност на Старата скопска чаршија која секогаш треба да рефлектира културни вредности. Грижата за овој наш културен центар е докажана и во стратегиите на дејствување во претходните години во областа на културата, соопшти општина Чаир.