Суд одлучи дека Холандија не е обврзана да ги репатрира децата на припадниците на ИД

Холандија не е обврзана активно да помага во репатријацијата на децата на жените кои ја напуштиле земјата и се придружиле на радикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) во Сирија и во Ирак, пресуди во петокот тамошниот апелациски суд со што ја укина претходната пресуда.

Понизок суд претходно во ноември пресуди дека холандската влада треба активно да помага и да врати во земјата 56 деца кои живеат во сиромашни услови во камповите во Сирија. Сите тие деца имаат холандско државјанство и се помлади од 12 години. Повеќето од нив немаат ниту шест години.

Владата во Хаг се жалеше на пресудата на понискиот суд, наведувајќи ги како причини националната безбедност и ризиците на кои би наишле холандските функционери кои би требало да заминат во логорите и да ги пронајдат овие жени и деца. Тврди и дека пресудата негативно ќе влијае на холандската надворешна политика и на меѓународната соработка.

Жените и децата живеат во многу лоши услови кои би можеле дополнително да се влошат со доаѓањето на зимата во кампот ал-Хол на североистокот од Сирија, рече нивниот адвокат Андре Сеебрегтс.

Во кампот се наоѓаат околу 68.000 поразени борци на Исламската држава и нивните семејства, проценува Црениот крст. Ги надгледуваат силите на сириските Курди откако ја преземаа контролата над последното упориште на џихадистичката група.

Податоците на холандската влада од октомври укажуваат дека 55 борци на Исламската држава кои пристигнале од Холандија сѐ уште се стационирани на северот од Сирија. Таму се и најмалку 90 деца на Холанѓани и на оние коишто подолг период живееле во Холандија.