Судар на два автобуса во Прилеп, повредени 20 патници

Повредени се околу 20 патници во судар на два автобуса што се случил утрово во прилепската населба Точила. Повредените веднаш се упатени на лекарски преглед во Болницата во Прилеп.

Според првичните информации од прилепското Основно јавно обвинителство кое со полицијата направи увид, до сударот дошло околу 6 часот изутрината.

Едниот автобус бил без патници, а другиот, кој се удрил во бандера, бил полн со работнички кои требало да ја започнат првата смена во текстилна фабрика во Прилеп.

Прегледаните се со набиеници и лесни повреди и се пуштени на домашно лекување, велат од прилепската болница каде од изутрината се згрижуваат патниците од автобусот кој при судир со друг автобус удри во столб во прилепската населба Точила.

Од овие 20 пациенти, 8 се на максилофацијална хирургија каде се извршени одредени мали интервенции, неколку пациенти се на ортопедија и на хируршкото одделение. Дел од пациентите,  сѐ уште чекаат резултати од рентген снимките, една пациентка има повреди на черепот и е задржана поради опсервација и следење на нејзината состојба. Другите пациенти се пуштени на домашно лекување. Доаѓаат и други пациенти со мали повреди и пораид следење на нивната состојба се примаат на преглед, а од нив нема некои со потешки повреди. Сите пациенти кои се обратија во болницата се надвор од животна опасност, немаат сериозни повреди за загрозување на нивниот живот.