Судењето за „Рекет“ одложено, Јанева е во ризична група

25

Судењето за случајот „Рекет“ е одложено за 26 март поради здравствената состојба на обвинетата Катица Јанева, која согласно мерките и препораките од владата за заштита и превенција од Ковид 19 спаѓа во ризична група.

Судијката Васка Николова Масевска го прифати барањето на одбраната на обвинетата Катица Јанева, адвокатите Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска во кое се наведува дека Јанева има една од оние индикации – болест поради што спаѓа во ризична група на граѓани и треба да седи дома согласно мерките и препораките од владата.

Обвинетата Катица Јанева се наоѓа во куќен притвор, а првообвинетиот Бојан Јовановски се наоѓа во притвор. Со тоа, случајот спаѓа во итни и неодложни предмети за кои Судот одлучи да продолжат со зголемено ниво на претпазливост.

Судскиот совет на 19 март донесе одлука за постапување на судовите во услови на зголемена опасност од Ковид-19, согласно кои Основниот кривичен суд – Скопје ќе продолжи со судење само на итните и неодложни предмети односно притворски и кривични предмети со други мерки за обезбедување присуство на обвинетите и кривични предмети за кои постои опасност од застарување.

Случајот се наоѓа во доказна постапка со изведување докази предложени од одбраната, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.