Судијата Беџети што го спаси Мијалков доби казна од 20 отсто помала плата за наредни шест месеци

„По едно барање за судија на апелационен суд изречена му е дисциплинска мерка намалување на платата од 20% од месечната плата на судија во траење од 6 месеци“, стои во одлуките на Судски совет донесени на денешната седница.

Ваквата одлука доаѓа откако Судски совет утврди дека судијата Беџети неоправдано го чувал предметот во фиока, додека Апелација решавала поново дојдени предмети. Тања Чачарова-Илиевска, еден од членовите на Судскиот совет кој го испитуваше постапувањето на судиите, кажа дека нема оправдување што девет месеци не била донесена одлуката од страна на Апелација.

Беџети пак, во ек на овој скандал, сакаше да стане и Врховен суд, но желбата остана само желба. Во портфолиото на судијата Беџети, кој е известител и за други големи предмети, стои дека Правен факултет завршил во Приштина. Работното искуство го започнал како секретар во Општина Боговиње, па бил управител на приватна фирма. Секретар бил и во Тетовскиот универзитет, па од адвокатските запловил во судските води. Првпат, судија станал во Кривичниот суд во Скопје во 2010 година. Две години подоцна бил избран за судија во скопска Апелација каде постапувал по граѓански предмети, а потоа и по кривични како што е предметот каде со негов глас беше ослободен Мијалков.