Судиите и обвинителите под надзор – 5% од пресудите по случаен избор ќе бидат ревидирани

Државната комисија за спречување на корупција и судскиот совет ќе ги „тресат“ судиите и обвинителите околу нивната имотна состојба, но и застареноста на одредени предмети.

„Паралелно на овој процес, на почетокот од наредната година, најдоцна наредната пролет се очекува да започне таканаречениот ЕУ мониторинг на судските случаи од висок профил.“, рече министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Стручни лица од странство и домашни експерти, ангажирани од Европската унија и ОБСЕ како спроведувач на овој порцес.

„Ние сме прва држава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на судските предмети поврзани со висока корупција.“, рече Маричиќ.

За случаите кои немаат разрешница или застареле, дополнително ќе се утврдува причината и дали истите се објективни.

„Ако концептот е да биде по случаен избор, тогаш верувам дека ќе се изнајде модел по случаен избор, судскиот совет и советот на јавни обвинители да издвојат случаи кои ќе бидат проверени заради проверка на тоа дали е постапувано во рок како што треба, по сите законски стандарди, но исто така оние случаи кои што отскокнуваат од праксата или подолго време биле држени и било непостапувано по нив, што резултирало со застареност или се блиску до застареност.“, вели Маричиќ.

Со законски измени кои ги најавува министерот, Јавното обвинителство задолжително ќе треба да ја информира јавноста за предметите за кои има интерес.

СДСМ и во програмата пред четири години, насловена „План за живот во Македонија“, ветуваше ветинг во судството, правда за сите и пишување на пресуди од страна на судии, а не во партиски штабови.

Во тогашната програма ветување беше и продолжување на рокот на Специјалното јавно обвинителство, но тоа не се случи и истото предвреме згасна.