Судиите им пресудија на Данците – цел свет плука по Англичаните

Англија вечерва пред 60.000 гледачи на стадионот „Вембли“ во Лондон ја совлада Данска по продолженија со 2:1 (1:1) и избори финале на Европското првенство против Италија.

Англија офанзивно го почна второто полуфинале на ЕУРО2020, но откако го издржа почетниот притисок Данска воспостави контрола на теренот и прва дојде во водство со прекрасен гол од слободен удар на Микел Дамсгард во 30 минута.

Англичаните ја анулираа негативата девет минути подоцна со автоголот на данскиот капитен Симон Кјаер.

Второто полувреме не донесе голови на „Вембли“, а Англија направи целосен резултатски пресврт во последната минута од првото продолжение. Каспер Шмајхел најпрво го одбрани ударот од белата точка на Хари Кејн, но англискиот капитен прв стигна до одбиената топка и во вториот обид го совлада данскиот голман.

– Ова е врвот на мојата кариера. Првпат во историјата сме во финале на Европско првенство и тоа на ‘Вембли’. Ова е момент на кој најмногу ќе се гордеам. Ништо не сме освоиле, имаме уште еден чекор – рече Кејн по завршувањето на натпреварот.

Од друга страна, селекторот на данската репрезентација, Каспер Хјулманд, искажа незадоволство од досудениот пенал за Англија.

Моментот со падот на Стерлинг предизвика контроверзии. На социјалните мрежи англискиот фудбалер е изложен на исмејување обвинет за глума.

– Ја прегледав ситуацијата неколку пати. Јас едноставно не видов прекршок за пенал. Тешко е да изгубите на ваков начин. Штета за момците, многу е горко вака да бидат елиминирани – изјави Хјулманд.

Противник на Англија на 11 јули на „Вембли“ ќе биде Италија, која завчера на пенали ја елиминира Шпанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.