Судиите му пресудија на Вардар од борбата за Прва лига, Воска има осум бода педност!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар сѐ поизвесно е дека и во следната сезона ќе игра во Втората лига, откако денеска судиите со срамни одлуки во Гостивар ги спречија црвено-црните да победат (1-2) и да останат во трката за враќање во елитата, па Воска која се измачи во Кадино (2-1) избега на осум бодови предност во трката за баражот.

Вардар доживеа пораз во Гостивар со 1-2, откако во судиското надополнување тргнаа на сѐ или ништо и буквално пред судискиот свиреж примија втор гол за поразот, но мечот го одбележаа неверојатните грешки на судиите, кои на Гостивар му досудија смешен пенал од обичен дуел кој не беше ни шанса за гол пред крајот на полувремето, а потоа „дувнаа“ офсајд за анали. Срамот на векот со офсајдот, иако фудбалер на Гостивар лежеше на теренот 20 метри понапред од „спорната ситуација“ е само уште еден доказ за катастрофалното судење, катастрофалната состојба на македонскиот фудбал и веќе очигледниот заговор Вардар да не се врати во Првата лига.

Бенјамин Демир по девет минути игра донесе водство, Хусеин Демири од подарениот пенал израмни пред полувремето, ама 12-кратниот првак не можеше против сите за да дојде до победа и да остане во тесната битка со Воска, која со пресврт и многу потешко од очекувањата го победи Кадино со 2-1 на гости.

Во завршницата кога Вардар тргна да победи, Филип Гачевски со фантастични одбрани спречуваше и пораз за вардарци, но не успеа да го одбрани последниот шут од контранападот на Ринор Ајдини.

Вардар со овие осум бода негатива, останува само на теоретски шанса да стигне до второто место, ама прашање е дали тоа е реално и возможно, зашто против себе не го има само ривалот Воска, туку и судиите кои веќе двапати на охридскиот клуб и директен конкурент им подаруваат пенали за победи, а против Вардар измислуваат офсајди, пенали… Математички на Вардар ќе му требаат два кикса на Воска од кои еден пораз најмалку и плус да го победат директниот ривал во Охрид на крајот на месецов во овие последни пет кола од Втората лига запад.

Љупчо Трпески во 59-та и Михајло Јакимоски во 84-та минута дадоа два гола за победата на Воска кај Кадино, кој уште по пет минути водеше со гол на Марио Благојевски.

Лидерот Силекс продолжи да чекори кон директен кам-бек во Првата лига со победата со 2-1 кај Велешта, Тетекс и Беса ремизираа без голови, а Охрид Лихнидос запиша голема победа со 2-1 против дебарски Кораб во битката за опстанок во второлигашката конкуренција.

ВТОРА ЛИГА – ЗАПАД

Гостивар – Вардар 2-1, Кадино – Воска 1-2, Велешта – Силекс 1-2, Тетекс – Беса 0-0, Охрид – Кораб 2-1.

ТАБЕЛА: Силекс 56, Воска спорт 51, Вардар 43, Тетекс 35, Гостивар 29, Беса 26, Охрид 20, Кораб 20, Велешта 17, Кадино 6