Судиите сметаат дека незаконски и противуставно ќе примаат миминална плата

Група судии со писмо реагираат дека одлуката на Владата со уредба да ги стави на минимална плата поради кризата со коронавирусот е незаконска и противуставна.

Во писмото упатено до Здружението на судии се потенцира дека според Законот за плати на судии, платата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган. Потписниците се повикуваат и на Уставот, при што еден од членовите кој го потенцираат е 98, во кој се гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

„Со Уредбата се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, на владеењето на правото и претставува директна интервенција на извршната во судската власт, со што се доведува во прашање и уставно загарантираната самостојност и независност на судството. Исто така, се доведуваат во прашање и повеќе загарантирани основни човекови права со ЕКЧП и чл. 1 од Протокол 1“, пишува во писмото за кое не е наведено кои и колку судии стојат зад него.

Во писмото се наведува и дека судиите се подготвени доброволно да одвојат дел од своите плати, но не се согласуваат со присилна интервенција.

Уредбата со законска сила со која на судиите и обвинителите им се определува минимална плата за април и мај беше објавена во „Службен весник“ број 97, од 9 април 2020 година, а е донесена на седница на Владата на 7-ми април.