Судир меѓу картели и локалното население во Мексико

Две обезглавени тела на локални жители открија властите во западно Мексико а уште десет лица се пријавени како исчезнати, по судирот меѓу картелите Мичоаканско семејство и Новото поколение на Халиско со вооружените групи за самоодбрана на локалното население, соопшти полицијата во саботата.

„Успеавме да идентификуваме двајца загинати жители на Сан Рафаел…, точната бројка на загинатите не е позната, бидејќи криминалците ги земаа телата“ (на своите соучесници), изјави градоначалникто на градот Сирандаро, во мексиканската сојузна држава Гереро, Грегорио Портиљо во интервју за радиото Formula.

Според градоначалникот, уште 10 лица од предградието Сан Рафаел се сметаат за исчезнати, но властите не можат да ја потврдат оваа инфроамција, бидејќи стравуваат да влезат во ова место.

„Во општината има тројца полицајци, и уште 25 во соседните области, но ние не можеме да им се спротиставиме“, додал Портиљо.

Според информациите со кои располагаат властите, судирите започнале во близина на Сан Рафаел, населба со колу 900 жители. Потоа, група бандити кои барала членови на ривалскиот картел влегла во населбата. На местото на првата престрелка, властите пронашле напуштени оклопни возила „Hummer“ со испишан видлив акроним CJNG (Картел Ново поколение на Халиско) и муниција.

Последните години Мексико е зафатено од бран брутално насилство, предизвикано во прв ред од судирите на картелите за контрола на илегалните канали за криумчарење на кокаинот на богатиот пазар во соседните САД кој се проценува на околу 42 милијарди долари. Минатата 2019 година во Мексико се извршени над 32.600 униства, што е нешто помалку од црниот рекорд во претходната 2018 година со повеќе од 33.000 убиства, според податоците на министерството за безбедност.

Интензивната борба со криминалот во Мексико започна во 2006 година, во времето на претседателот Фелипе Калдерон, кога во опњерациите против нарко-картелите тој ги вклучи и елитните воени единици, ја реформираше федералната полиција во која царуваше корупцијата, и прогласи лов на лидерите на бандите во мексиканскиото подземје. Војната против картелите ја продолжи и неговиот наследник на должноста, Енрике Пења Нието, од 2012 до 2018 година, во чиј мандат беа ликвидирани или уапсени многу познати нарко-босови. Посебно одекна апсењето на шефот на картелот Синалоа, Хоаикн Гусман Лоер „Кусиот“, кој беше екстрадиран во САД кои објавија голема парична награда за него.