Судир во германската влада околу буџетот за 2024-та, критики за новите работни места во министерствата

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер изјави дека планира да се позанимава со проблемот на големите расходи во буџетот за следната година за да се поправи структурниот дефицит кој го произвеле пандемијата на Covid-19 и енергетската криза.

„Имаме проблем со потрошувачката“, тврди Линднер во разговорот за неделното издание на весникот Die Welt.

Според него, изминатите десет години Германија имала поддршка од ниските камати и растот на буџетските приходи, што значело дека државниот буџет самиот се движи во насока на урамнотежување.

„Ситуацијата во меѓувреме се промени, првпат по повеќе од десет години мораме да се консолидираме“, истакнува Линднер додавајќи дека поголемото задолжување и даноците не се прифатливи опции.

Министерот Линднер доаѓа од Слободните демократи (FDP – либерал-демократи) се судри со министерот за економија Роберт Хабек од партијата Зелени, уште во февруари околу плановите за буџетот за следната 2024 година, според разменетите писма во коишто увид имала агенцијата Reuters.

Искажувајќи го стравувањето на Зелените дека нема да има доволно пари за некои од планираните проекти, имајќи предвид дека владата е истрајна кон строгите прописи за задолжувањето, Хабек ги критикува предлозите на Линднер.

Министерот за економија го повика колегата од ресорот финансии еднострано да не доделува приоритети за потрошувачката на одредени подрачја, вклучително и вооружените сили и намалувањето на даноците во угостителството, велејќи дека неговата партија Зелени не може да ги прифати буџетските планови.

Линднер јавно го отстрани апелот на Хабек, а во неделата тврдеше дека коалицијата не е блокирана, туку во тешка ситуација. Рече, исто така, дека минатата среда го известил канцеларот Олаф Шолц, кој е од најголемата партија во коалицијата Социјалдемократската партија (SPD) дека на следната седница на владата нема да може да ги претстави основите на нацрт-буџетот за 2024-та, бидејќи сѐ уште е постигната целосна согласност.

Министерството за финансии неодамна соопшти дека контурите на нацрт-буџетот за следната година би требало да бидат подготвени до јуни, и покрај сѐ поизразените тензии.

 

Никнувањето нови работи места во министерствата

Истовремено во понеделникот Сојузот на даночните обврзници ја критикуваше владата трипартитната влада на социјадемократите, зелените и либерал-демократите, поради отворањето на многу нови работни места во министерствата со највисоките коефициенти за плати, што ги зголемило трошоците за 50 милиони евра на годишно ниво.

„Бројот на вработените во министерствата ја мина границата од 30.000, а особено пораснал бројот на државните службеници со највисокиот коефициент на плати“, соопшти Сојузот на германските даночни обврзници, организација којашто редовно укажува на неразумно трошење на парите на даночните обврзници.

„Социјалдемократско-зелено-либерална влада од доаѓањето на власт пред помалку повеќе од една година, вработила 168 државни службеници во категоријата од Б3 до Б11, каде што платите се качуваат и до 15.000 евра месечно“, се наведува во соопштението за јавноста, кое го цитира агенцијата DPA.

Според процените на Сојузот на германските даночни обврзници, само овие 168 новоотворени работни места дополнително го оптоваруваат државниот буџет за 50 милиони евра на годишно ниво.

Како особено скап проект се посочува на формирањето на новото Министерство за градење, коешто досега се наоѓаше во рамките на Министерството за внатрешни работи. Таму бројот на новите работни места во категоријата Б се зголемил за 36.

„Министерствата во рацете на новата влада како да се натпреваруваат во отворањето на скапите работни места“, се заклучува во соопштението.

Партиите од владејачката коалиција во моментов се конфронтирани и околу новото задолжување, коешто, поради драстично зголемените воени трошоци и ублажувањето на последиците од инфлацијата и поскапувањето на енергенсите, достигна рекордни размери.