Судири, палежи и апсења на протестите на Жолтите елеци

Судири избувнаа меѓу неколку десетици демонстранти и полицијата во француската престолнина во Париз во саботата, на 23-от протест на неформалното граѓанско движење Жолти елеци, откако властите предупредуја дека на демонстрациите може да се повторни насилство.

Десетици демонстранти со црни качулки фрлале камења и блокови врз полицијата, а некои палеле возила, мотоцикли и контејнери во центарот на Париз, пренесуваат светските агенции.

Полицијата одговорила со фрлање солзавец и гранати кои го предизвикуваат ткн топовски удар. Дел од полицијата тргнал кон демонстрантите за да ја контролира масата и ја потиснала кон парискиот Плоштад на Републиката на кој протестот е дозволен. До 13 часот се уапсени и притворени околу 120 лица, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител.

Дел од Жотлите елеци критички се осврна на „трогнатоста“ на меѓународната заедница од пожарот во париската катедрала Нотр-Дам, во прв ред поради великодушноста на водечките француски бизнисмени кои издвоија милионски донации за нејзиното обновување. Поради тоа многу од нив ја поздравија хуморустичната објава со којашто на Twitter се огласи познатиот романописец Оливие Пуриол.

Ден по пожарот Пуриол на социјалната мрежа напиша „Виктор Иго им се заблагодарува на сите великодушни донатори на донациите за спас на париската Нотр-Дам и им предлага тоа истото да го сторат и за ‘Клетниците’“, алудирајќи на насловот на другото големо дело на францускиот писател од XIX век кој со своето дело „Ѕвонарот на Богородичната црква“ ја стави Нотр-Дам во историјата и меѓу париските знаменитости.

Француската престолнина е под високите безбедносните мерки откако министерот за внатрешни работи Кристоф Кастане рече дека разузнавачките служби го известиле за можното враќање на насилните противници кои сакаат да создадата хаос на улиците на Париз, Тулуз, Монпелје и Бордо, како и на насилните протести од 16-ти март. Голем дел од подземната железничка мрежа е затворен, а на улиците од француските градови се распоредени 60.000 полицајци.

Протестите на Жолтите елеци започнаа кон средината на ноември, во почетокот против најавата за драстичното зголемување на цените на горивата и високите животни трошоци, но се развија во поголемо движење против економските реформи на претседателот Емануел Макрон. Претседателот требаше во понеделникот вечерта да ѝ се обрати на нацијата по тримесечната ткн „голема национална дебата“ и да го изнесе својот план за одговор на кризата предизвикана од протестите, но беше одложен поради катастрофалниот пожар во Нотр-Дам. Се очекува дека ќе се обрати следниот четврток.