Судири со полицијата на првомајските протести во Париз, се бараат поголеми плати и социјална правда

epa09920379 Demonstrators wave flags as they take part in the annual May Day march in Paris, France, 01 May 2022. Labour Day, also known as International Workers' Day or May Day, is observed annually on 01 May worldwide to celebrate the economic and social achievements of workers as well as fight for laborers rights. EPA-EFE/YOAN VALAT

Илјадници луѓе денеска учествуваа на првомајските протести ширум Франција, кои во главниот град Париз ескалираа во повремени судири меѓу полицијата и одделни групи демонстранти, објави „Монд“.
Учесниците на првомајските собири во Франција денеска побараа социјална правда и зголемување на платите, како и претседателот Емануел Макрон да се откаже од планот за зголемување на старосната граница за пензионирање, објави Ројтерс.
Повеќето собири беа мирни, но полицијата во Париз интервенираше откако анархистите од „Црниот блок“ се обидоа да подигнат барикада на улица во близина на Плоштадот на Републиката, се вели во соопштението на полицијата.
Ограбен е ресторан Мекдоналдс и агенција за недвижности на плоштадот Леон Блум, скршени им се прозорците и запалени канти за ѓубре.
Околу 250 митинзи беа организирани во Париз и други градови, меѓу кои Лил, Нант, Тулуз и Марсеј.
Во француската престолнина, на синдикалистите им се придружија политички фигури, главно од левицата и активисти кои се борат да ги спречат климатските промени.
Учесниците на маршот носеа транспаренти на кои пишуваше „Пензионирање пред артритис“, „Пензионирање на 60 години, замрзнување на цените“ и „Макрон, излези“.
„Колку е посилна мобилизацијата за овој првомајски протест, толку посилно ќе можеме да влијаеме на владината политика“, изјави претседателот на синдикатот CGT Филип Мартине за Ројтерс пред митингот.
Тој додаде дека Владата мора да се справи со проблемот со куповната моќ со покачување на платите.
Лидерот на левицата Жан-Лук Меланшон, кој беше трет во првиот круг од претседателските избори, присуствуваше на маршот во Париз.
„Нема да правиме никакви отстапки во однос на пензиите“, рече Меланшон пред почетокот на маршот.