Судири во Грција по повод годишнината од смртта на тинејџерот убиен од полицијата

Судири меѓу полицијата и демонстрантите избувнаа во петокот во Атина, откако илјадници луѓе во поворка ја одбележуваа 16-годишнината од полициското убиство на тинејџер, чија смрт ги предизвика најжестоките протести во Грција во последните неколку децении.

Околу 5.000 луѓе се приклучија на годишниот марш во спомен на убиениот 15-годишен Александрос Григоропулос.

На крајот од поворката, демонстранти со качулки запалија контејнери за ѓубре во областа Егзархија, каде што невооруженото момче беше застрелано од полицаец. Демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели и камења кон интервентната полиција, која одговори со солзавец.

Илјадници полицајци беа распоредени во центарот на Атина како дел од безбедносните мерки за петочниот марш. Повеќе од 60 лица се приведени, а осум се уапсени, соопшти полицијата.

Ноќта на 6 декември 2008 година, кога беше убиен Григоропулос, илјадници луѓе излегоа на улиците на Атина, палејќи автомобили, кршејќи излози и ограбувајќи. Немирите траеја со седмици.