Судот ги прифати обвиненијата за „Тарифа“ и „Траекторија“

Совет за оцена на обвинителен акт при Основен суд Скопје 1 – Скопе, постапувајќи во понеделникот по обвинителен предлог поднесен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги прифати обвиненијата за случаите „Тарифа” и „Траекторија”, а судските рочиштата дополнително ќе бидат закажани.

СЈО во јануари го отвори случајот „Тарифа“ во кој се опфатени седум лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Овој случај се однесува на постапката по јавна набавка на софвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.

Осомничените лица со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, соопшти тогаш СЈО.

Дел од осомничените лица неосновано одобриле исплати на парични средства на име лиценци за одржување на софтверот, спротивно на посебните услови од договорот на јавна набавка, каде е предвидено дека плаќањето на име лиценци за одржување на софтверот ќе се изврши во гарантен и постгарантен период, а кој период никогаш не започнал да тече, бидејќи системот не бил имплементиран, со што причиниле штета во износ од 456.560 евра.

Во случајот „Траекторија“ отворена е истрага против четири високи владини функционери што во 2012 и 2013 години при процедурата за избор на изведувач за градење на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид не ги почитувале правилата за спроведување тендер и дозволиле една компанија незаконски да добие имотна корист. Овие лица, во постапката за барање најдобар изведувач, спротивно на правилата за јавни набавки и спротивно на условите на кинеската влада и кинеската Ексим банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот.

Во јануари 2013 година, високите владини службеници, иако биле доставени две понуди, разгледувале и одлучиле само за една. Понудата на компанијата која доставила пониска понуда, била скриена, по што бил склучен договор само со компанијата која имала повисока понуда. И тука се работи за злоупотреба на службената положба и овластување, велат од СЈО.

Во овој случај обвинети сe поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.