Судот го одби барањето на СЈО за притвор на четири лица во случајот за општина Центар

За случајот „Насилство во Центар“, јавниот обвинител на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Гаврил Бубески на рочиштето во средата побара да се издаде наредба за приведување на обвинетите кои не беа присутни на денешната главна расправа.

За четворица од отсутните обвинети, судот констатира дека тие првпат не се јавиле на главна расправа и ја задолжи нивната одбрана во рок од осум дена да достави оправдување за нивното отсуство.

За едно лице кое по вторпат не присуствува на главна расправа, а и уредно викано, судот издаде наредба за негово присилно доведување на следната главна расправа.

Во однос на влегувањето на дел од обвинетите од службениот влез на судот за присуство на денешната главна расправа, судот информира дека тоа било направено по безбедносните проценки на нивното обезбедување од редовите на МВР.

Главната расправа за овој случај е одложена за 28 јуни затоа што на денешната расправа не беа присутни петмина од обвинетите лица, а имајќи ја предвид предвидената санкција, задолжително е присуство на сите обвинети лица, соопшти Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

На денешното судење беше присутен претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а на судските покани се одзваа и обвинетите Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и Томислав Лазаров.

Во овој предмет се обвинети 14 лица, од кои пет како поттикнувачи, а другите како директни извршители на насилството. Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје  беа присутни и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, како и општински советници.

Судијката Татјана Михајлова следното судско рочиште го закажа за 28 јуни.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство го покрена овој случај на 15 септември минатата 2016 година, а произлегува од незаконски стекнатите прислушувани телефонски разговори кои ги објавуваше лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според обвинението, Груевски во овој случај е нарачател на насилствата пред Општина Центарво јуни 2013 година, а Миле Јанакиески прифатил наводно преку партиски членови да го спроведе наводното насилството врз градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски и членовите на Општинскиот совет.