Судот на ЕУ пресуди дека Полска ги крши стандардите за квалитетот на воздухот

Полска не го почитува законот за ограничување на загадувањето на воздухот, пресуди во четвртокот Судот на Европската унија во Луксембург.

Според законот на Европската унија од 2008 година, државите членки мора да го ограничат загадувањето на воздухот за да го заштитат човековото здравје. Врз основа на моменталните процени, повеќе од 400.000 Европејци умираат прерано секоја година поради лошиот квалитет на воздухот, што предизвикува астма, болести на срцето и рак на белите дробови.

Европската комисија ја тужеше Полска пред Судот на ЕУ во декември 2015 година, бидејќи редовно го надминувала дневниот лимит за загадување на воздухот во 35 од 46 зони за контрола на квалитетот на воздухот во периодот меѓу 2007 до 2015 година. Годишните лимитирачки нивоа, исто така, биле прекршувани и во деветте преостанати зони.

„Произлегува дека утврденото пречекорување мора да се смета за трајно“, оценува во .четвртокот Судот на ЕУ во Луксембург. Судот, исто така, напомнува дека плановите на Полска за ограничување на загадувањето на воздухот ќе овозможат усогласување со европските стандарди дури во периодот меѓу 2020 и 2024 година.

Полските аргументи дека економијата на земјата и финансиската состојба не овмозжуваат порано спроведување на прописите на ЕУ „не може, самото посебе“, да ги оправда толку долгите рокови за укинување на овие пречекорувања“, смета Судот.

Полска е втората земја членка на ЕУ за којашто Судот во Луксембург утврди дека ги крши стандардите за квалитетот на Воздухот. Во април 2017 година донесе слична одлука и против Бугарија.

ЕУ последните седмици врши притисок и на уште девет земји членки: Велика Британија, Чешка, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Унгарија, Романија и Словачка, заканувајќи им се дека ќе ги тужи пред Судот на ЕУ, доколку не изнесат предлози за подобрување на квалитетот на воздухот.

Судот на ЕУ ја донесе оваа одлука против Полска во моментот кога односите меѓу администрацијата во Брисел и актуелната влада во Варшава се извонредно напнати, поради обвинувањата дека со новите реформи во судството и законите за медиумите, се загрозува владеењето на правото во оваа земја.