Судот на ЕУ пресуди во корист на Комисијата во случаите на Google и Apple

Судот на Европската унија во вторникот потврди две важни одлуки на Европската комисија – казна за „Google“ од 2,4 милијарди евра и дека „Apple“ добил незаконска поддршка во Ирска од 13 милијарди евра, кои мора да ги врати.

Судот на ЕУ ја потврди казната од 2,4 милијарди евра изречена на „Google“ за злоупотреба на доминантната позиција со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи.

Во 2017 година, Комисијата го казни „Google“ со околу 2,4 милијарди евра за злоупотреба на неговата доминантна позиција на неколку национални пазари за пребарување на интернет со фаворизирање на сопствената услуга за споредба на производи во однос на истата услуга на нејзините конкуренти. Бидејќи Општиот суд во суштина ја потврди таа одлука и ја потврди казната, итнернет пребарувачот „Google“ и неговата кровна компанија „Alphabet“ поднесоа жалба до Судот, која сега е одбиена.

Судот на правдата на ЕУ, исто така, ја потврди одлуката на Европската комисија од 2016 година дека Ирска му одобрила незаконска помош на американскиот технолошки гигант „Apple“, која мора да ја врати.

Во 2020 година, Општиот суд ја поништи одлуката на Комисијата, сметајќи дека таа не го докажува доволно постоењето на селективна предност во полза на овие компании. Откако Комисијата поднесе жалба, Судот сега ја укина пресудата на Општиот суд и конечно го реши спорот, потврдувајќи ја одлуката на Комисијата.

Судот потврди дека „Apple“ незаконски имал полза од даночните олеснувања што претставуваат државна помош доделена од Ирска. Оваа поддршка се однесуваше на даночниот третман на добивката од активностите на „Apple“ надвор од САД.