Судот на Европската унија во средата пресуди дека Европската комисија (ЕК) не била доволно транспарентна за набавката на вакцини против ковид-19.
Европратениците и граѓаните, повикувајќи се на законите за слободата на информирање, побараа од Комисијата да ги објави договорите за набавка на вакцини, но извршното тело на ЕУ објави само цензурирана верзија, што предизвика судски спор.
Европската комисија го ускратила јавниот „поширок“ увид во договорите за набавка на вакцини против ковид-19 и не понуди убедливи докази дека со тоа ќе ги „поткопа“ комерцијалните интереси на компаниите, одлучи во средата Генералниот суд на ЕУ.
На врвот на пандемијата во 2022 и 2021 година, Европската комисија потпиша серија договори со висока вредност со група фармацевтски компании за набавка на вакцини против ковид-19. Во 2021 година, европратениците и групите на граѓани побараа пристап до договорите за да ги проучат одредбите и условите. Комисијата даде само делумен увид во документите кои беа објавени на интернет во редактирани верзии, па претставниците и граѓаните побараа од Генералниот суд на ЕУ да ги поништи одлуките на Брисел.
Членките на ЕУ, европските институции и граѓаните можат под одредени услови да бараат поништување на одлуките, со обезбедување валидни докази. Судот во средата го прифати барањето на група пратеници и граѓани и ги поништи одлуките на Комисијата на кои „неправилно“ им беше забранет пристап.
Членките на ЕУ се согласија да вклучат во договорите клаузули за компензација на ризиците за компаниите поради краткиот период на развој на вакцината да биде во „јавен домен“, утврдија судиите. Комисијата не докажа дека „поширок“ пристап кон овие клаузули ќе ги поткопа комерцијалните интереси на компаниите, се наведува во судското решение.
Брисел не објаснил доволно како комерцијалните интереси на компаниите ќе бидат поткопани со увид во дефинициите за „несовесни дејствија“ и „максимални напори, во разумни граници“ во одредени договори, нагласуваат тие.
Според пресудата, Комисијата требало да обезбеди и поширок увид во изјавите на членовите на преговарачкиот тим на ЕК за вакцините дека не се во конфликт на интереси. Обвинителите убедливо докажаа дека објавувањето на личните податоци на членовите на тимот е „јавен интерес“, се вели во пресудата.
Пресудата на судот во Луксембург е удар за претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, чии постапки при набавката на вакцините се под очите на јавноста, особено поради одбивањето на Комисијата да ги објави пораките што таа ги разменила со шефот на „Pfizer“, Алберт Бурла.
Европското издание на Politico кон крајот на минатата година објави дека се уништени најмалку 215 милиони дози од вакцината против ковид-19 за европските граѓани, што ги чини даночните обврзници најмалку четири милијарди евра. Овој медиум предупредува дека веројатно оваа бројка е потценета. Politico, исто така, пишува дека од почетокот на пандемијата на крајот на 2020 година, ЕУ нарачала околу 1,5 милијарди дози вакцини, околу три за секој европски граѓанин.
Во август 2021 година, британскиот весник Financial Times објави дека „Pfizer“ ја зголемил цената на својата вакцина за една четвртина поради пандемијата.
Фон дер Лајен треба да ја добие поддршката од мнозинството членови на Европскиот парламент во четврток за да остане на чело на Европската комисија по истекот на нејзиниот сегашен мандат подоцна оваа година.
Општиот суд на ЕУ во средата, во два одвоени случаи кои не се директно поврзани со преписката меѓу претседателката на ЕК и шефот на „Pfizer“, пресуди дека Комисијата не дала соодветна причина за цензурирање на делови од договорот. На пример, деловите од договорот што се однесуваат на обештетувањето на фармацевтските компании во случај на неисправни вакцини се „затемнети“. Комисијата сега има рок од два месеца и десет дена да поднесе жалба на одлуката.
Молк на фон дер Лајен
Во интервју во интервјуто за весникот The New York Times од април 2021 година, Урсула фон дер Лајен потврди дека еден месец разменувала пораки со извршниот директот на „Pfizer“, Алберт Бурла во текот на преговорите за договорот за набавката на вакцините. Тоа ја поттикна јавноста да бара да биде објавена целата преписка, особено по објавите дека наводно во пораките за набавките се споменува и сопругот на фон дер Лајен. Европската комисија во јуни 2022 година соопшти дека повеќе ги нема тие пораки, што подоцна го критикуваше и народната правобранителка на Европската унија.
Молкот фон дер Лајен следните месеци и години за преговорите со американскиот фармацевтски гигант „Pfizer“ кои доведоа до огромни скапи набавки на вакцини против ковид-19 го разговорува недовербата на јавноста.
Европската комисија во 2022 го одби барањето од народната правобранителка во Европската унија, Емили О’Рајли, да ги објави текстуалните пораки кои со месеци ги разменувале фон дер Лајен и Бурла пред Брисел во мај 2021 година да го потпише договорот со „Pfizer“ и неговиот германски партнер „BioNTech“ за купување на 1,8 милијарди дози од вакцините против ковид-19, кој беше проценет на 35 милијарди евра.
Портпаролот на ЕК изјави тогаш за Reuters дека Брисел во јуни 2022 година заклучил, и за тоа ја известил народната правобранителка, дека текстуалните пораки не се документ на ЕУ кој јавноста може да го добие на увид врз основа на правата за слобода на информирањето, според прописите за транспарентност. Тоа, пак, би значело дека сосема ќе бидат избришани сите евентуални докази во случаи на големи корупциски скандали во Европската унија.
Пратениците во Европскиот парламент уште во октомври 2022 година изразија огромно незадоволство од тоа што Бурла не се појави на специјалното сослушување во врска со случајот, заканувајќи им се на вработените и лобистите на „Pfizer“ дека ќе им биде забранет влезот во парламентот, потсетува Reuters.
Тужба од NYT
На 13-ти февруари 2023 година Politicо објави дека The New York Times ја дал извршната институција на ЕУ на суд поради тоа што на весникот не му ги доставила смс-преписките меѓу нејзината претседателка фон дер Лајен и извршниот директор на „Pfizer“. Влијателниот американски дневен весник бараше да се соочи со правните претставници на ЕУ во највисокиот суд на Унијата, тврдејќи дека Комисијата имала законска обврска да ги објави спорните пораки, кои би можеле да содржат информации за зделките на Унијата за купување на дозите од вакцините за ковид-19 во износи од десетици милијарди евра.
Предметот беше поднесен на 25-ти јануари 2023 година и објавен во јавниот регистар на Европскиот суд на правдата, но сѐ уште изостануваат детални информации на мрежната страница. Две лица запознаени со случајот за Politico на почетокот од минатата одина ги потврдија деталите од случајот.
Тогаш од NYT одби да го коментираат случајот наведувајќи само дека весникот „поднесува многу барања за слободен пристап до информации и одржува активно документирање…“ но дека во моментот „не можат да ја коментираат темата на таа тужба“. Истовремено од Европската комисија воопшто не одговориле на барањето за коментар од Politico.
Се потсетува дека таа тужба следеше по истрагата отворена на народната правобранителка на ЕУ, Емили О’Рајли во јануари 2022 година а аферата потоа беше заборавен по почетокот на руската инвазија во Украина од крајот на ланскиот февруари.
Истрагата на О’Рајли тогаш идентификувала злоупотреба во обидите на ЕК да ги врати текстуалните пораки, по барање за слободен пристап до информациите побарано од новинарот на порталот netzpolitik.org, Александер Фанта. Истрагата, исто така, покажала дека ЕК експлицитно не ги побарала смс-пораките од кабинетот на претседателката на Комисијата. Тогаш комесарката за европски вредности и транспарентност Вера Јурова, тврдеше дека смс-пораките можеби се избришани поради нивната „краткотрајна, ефемерна природа“,
Германскиот дневен весник Bild, исто така, пред две години поднесе низа тужби против ЕК, барајќи откривање на документи поврзани со преговорите за купување на вакцините за Covid-19 склучени со компаниите „Pfizer/BioNTech“ и „AstraZeneca“. Во периодот кога неговите барања биле отфрлени од судовите, Bild, сепак дошол до некои документи во врска со разговорите за набавките на вакцините, вклучително и за преписката преку електронска пошта започната во јуни 2022 година. Засега нема информации за претходни контакти меѓу фон дер Лајен и директорот на „Pfizer“ како резултат на судските спорови поведени од Bild.