Судот не дозволи Тарчуловски да го следи обраќањето на Столтенберг во Собранието

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, кој се наоѓа во домашен притвор нема да присуствува на утрешното обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Собранието на Република Македонија, одлучи во средата судот.

Тарчуловски бараше Кривичниот суд да му дозволи на 18-ти јануари да го напушти својот дом на четири часа за да може во Собранието да го слуша обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Во писмото коешто во понеделникот преку неговиот адвокат Апостолски го испратил до судијката на претходна постапка Весна Димишкова, Тарчуловски пишува дека е свесен дека Собрнието му го одзело имунитетот за да му биде определен домашен притвор, но додава дека во оваа фаза сѐ уште ја извршува функцијата пратеник.

„Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието на РМ, бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ. Во таа смисла, сметам дека моето присуство на седницата на која ќе се обрати г. Столтенберг е во насока на реафирмација на моите заложби и ветувања кои ги дадов пред граѓаните на Република Македонија и пред моите гласачи, за целосна и безусловна интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури“, стои во барањето на Јохан Тарчуловски.

Тарчуловски очекувашњ судот да му даде дозвола и затоа што досега не ја прекршил забраната да го напушти домот.

„Постапувајќи по барање на обвинетиот Ј.Т., да добие дозвола од судија на претходна постапка да се оддалечи од местото каде ја издржува мерката куќен притвор, како би можел да присуствува на обраќање во Собранието на Р.М., судијата на претходна постапка м-р Ненад Савески, кој постапува по барањето, го извести лицето дека не му се дозволува да се оддалечи, на одредено време, од местото каде ја издржува изречената мерка – Куќен притвор, имајќи ги предвид одредбите од член 163 ст. 2 од ЗКП според кои, поднесеното барање на обвинетиот не претставува исклучок од законската одредба“, се вели во соопштението објавено во средата од Основен суд Скопје 1.

Тарчуловски е осомничен за тероризам и уставно загрозување, во врска со настаните од 27-ми април 2017 година во македонскиот парламент.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.