Судот одлучи: На Заев ќе му се суди за поткуп од 200.000 евра

На Зоран Заев ќе му се суди за поткуп од 200.000 евра. Кривичниот суд преку соопштение објавено на својот веб сајт информираше дека Обвинителниот акт на Обвинителството за организиран криминал и корупција против лидерот на СДСМ е потврден од страна на Советот за оценка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје  кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт, објави Пресс 24.

Обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е потврден од страна на Советот за оценка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје  кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт КО.бр.66/15 против осомниченото лице З.З. од Струмица за кривичното дело „Примање поткуп“ од чл.357 ст.5 в.в со чл.357  ст.1 и 2 од КЗ.

По одржано јавно рочиште за оценка на обвинителниот акт на 01.07.2015 година, како и по детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната, по ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт, Советот го одобри во целост, додека приговорите на одбраната ги одби како неосновани.

Предметот ќе биде распределен кај судечки судија од Одделението за организаран криминал и корупција, кој треба да го насочи предметот за што јавноста ќе биде дополнително информирана, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.