Договорот на италијанската премиерка Џорџија Мелони за испраќање на мигранти спасени на море во кампови во Албанија, доби сериозен удар од судот.
Специјалниот имиграциски суд во Рим донесе одлука 12 мигранти, испратени во кампот во Ѓадер, недалеку од јадранскиот брег во северна Албанија, да бидат вратени во Италија бидејќи се од земји кои се сметаат за небезбедни за враќање. Италијанската влада најави дека ќе ја оспори пресудата.
„Не е до судството да каже кои земји се безбедни – тоа зависи од владата“, рече Мелони.
Таа свика седница на владата за следниот понеделник. Иако Европската унија вели дека илегалната миграција опаднала оваа година, владите ширум Европа се под притисок да го ограничат пристигнувањето.
Италијанскиот договор со Албанија има за цел да ги прими и потоа да ги врати илегалните мигранти спасени од Средоземното Море во два кампа. Проценетата цена на планот од 800 милиони евра наиде на критики од лидерите на опозицијата.
Договорот не вклучува жени или деца, а првата група мажи пристигна во Албанија во средата со брод на италијанската морнарица. На бродот „Вага“ требаше да има 10 мажи од Бангладеш и шест од Египет, но тој број брзо се намали од 16 на 12, бидејќи инспекциите открија дека две од нив се деца, а други двајца се ранливи.